Одобрена Студијата за оцена на животната средина за изградба на брана на река Отиња

451

Министерството за животна средина и просторно планирање ја одобри Студијата за животна средина за изградба на брана на река Отиња, а решението е веќе објавено на веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, информира градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Тој појасни дека ова решение е објавено на веб страница на МЗШВ, бидејќи тие ја изработија и ги одобрија средствата за оваа студија.

Во решението стои дека се дава Согласност на барањето за спроведување на проектот – Насипна брана со придружни објекти “Отиња” во Општина Штип, за потребите на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Студијата за оценка на влијанијата врз животната средина на проектот се посочува, ги задоволува барањата за заштита на животната средина со примена на мерките за спречување и за намалување на штетните влијанија врз животната средина, стои во објавеното решение на веб страницата на МЗШВ.

Бочварски забележа дека следен документ за старт на изградбата на брана на река Отиња е донесување на Деталниот урбанистички план.

-Тим од ЈП „Стипион” и од Министерството за транспорт и врски интензивно работат на овој докумен, за којшто очекуваме да биде готов до крајот на годината и да се изгласа во Советот на Општина Штип. По што следен чекор е барање дозвола за изградба на браната, вели Бочварски.

За реализација на овој капитален проект веќе се одобрени средства од околу 200 милиони денари за 2020 година и се во рамките на Програмата на Министерството за транспорт и врски. Браната на река Отиња ќе се гради околу две години, а нејзината вредност е 7,5 милиони евра, средства, кои се обезбедуваат од државниот буџет.