Одморот на море веќе нема да биде ист, Грција ќе го менува туристичкиот модел

29545

Грција е меѓу европските земји кои се најтешко погодени од глобалното загревање, со раст на морското ниво, екстремни топлотни бранови, непредвидливи дождови и чести шумски пожари кои го менуваат пејзажот. На сево ова туризмот дополнително ги оптоварува оскудните водни ресурси и ги загрозува кревките крајбрежни екосистеми, што доведе до барање на локалните власти и на граѓанските организации да се регулира изградбата, да се ограничи бројот на туристи и да се инвестира во управувањето со водите и со инфраструктурата. Експертите велат дека спасот е во проширување на туристичката сезона низ целата година

 

Грција се соочува со потреба да го преиспита својот туристички модел поради прекумерниот туризам и проблемите со климатските промени.

Бројот на туристи нагло расте, а тоа во блиска иднина може да ја загрози грчката економија. Грците се толку презаситени од прекумерниот туризам што на некои места се забележани и протести. На плажите на Кикладските Острови локалното население протестираше зашто островите може многу скоро да се сменат и да останат без она што ги прави посебни.

Грција, како што наведува Мондо.рс,  е меѓу европските земји кои се најтешко погодени од глобалното загревање, со раст на морското ниво, екстремни топлотни бранови, непредвидливи дождови и чести шумски пожари кои го менуваат пејзажот. На сево ова туризмот дополнително ги оптоварува оскудните водни ресурси и ги загрозува кревките крајбрежни екосистеми, што доведе до барање на локалните власти и граѓанските организации да се регулира изградбата, да се ограничи бројот на туристи и да се инвестира во управувањето со водите и со инфраструктурата.

Пилот-студија, којашто ја спровеле грчки истражувачи и УНЕСКО, покажува дека на помалите острови во Егејското Море, за да ги задоволат потребите на туристите веќе им треба двојно повеќе вода од онаа што можат природно да ја произведат, а таа потреба до 2030 година ќе се удвои.

Веќе е преземен и конкретен чекор кој води кон промена на туристичкиот модел. Министерството за животна средина подготви нацрт-закон со кој се забранува градење, односно издавање градежни дозволи во калдерата на Санторини. Исто така, ќе врши и ревизија на издадените дозволи, без разлика дали се за градби, доградби, тераси или базени. За овој закон парламентот ќе одлучува наскоро. Никос Зорзос, градоначалник на Санторини, сака да го ограничи бројот на посетители на 8.000 дневно од сега можните  17.000.

Идејата за промена на туристичкиот модел се огледува и во тоа што со закон донесен во јули ажурирани се регулативите за туристичките агенции, за водичи и за изнајмување.

Климатските промени и прекумерниот туризам исто така, го нарушуваат екосистемот до тој степен што е загрозена и тиркизната боја на морето, што е нотирано и во извештај на ИЕСТЕ. Претставник на оваа организација смета дека одржлив и конкурентен туризам Грција може да обезбеди само преку проширување на туристичката сезона низ целата година. Како алтернатива на плажите треба да се понуди агротуризам, гастротуризам, велнес и  авантуристички туризам.

Минатата година Грција регистрираше речиси 33 милиони посетители, а приходите од туризмот обично се еднакви на околу една третина од БДП.

Проблемот со прекумерниот туризам не е грчка ексклузива. Ги мачи речиси сите европски туристички центри. Жителите на другите популарни европски дестинации, особено Шпанците постојано протестираат и сакаат да ги избркаат туристите, зашто сметаат дека нанесуваат штета на животната средина и на локалните економии, особено преку краткотрајниот наем на сместување од  сајтови како што се Airbnb што ги зголемува трошоците за домување и ги брка жителите од нивните градови.