Од 1 јануари наредната година, стапката на ДДВ за туристичко сместување треба се зголеми од 7 на 15 проценти, со што ноќевањето што летово чинеше 10 евра, идното лето ќе биде 15 или 20 евра. Туристичките работници сметаат дека со ова се убива црногорскиот туризам, зашто во сите конкурентски земји стапките за туристичките услуги се помали, а, исто така, се поттикнува сивата економија. Се оценува дека ќе згаснат малите хотели, зашто, со зголемувањето на цените, ќе станат неконкурентни на пазарот
Летувањето во Црна Гора следното лето ќе биде поскапо, зашто државата реши да го зголеми ДДВ на сместувањето, од почетокот на 2025 година, за повеќе од двојно.
Во нацртот на фискалната стратегија за периодот 2024-2027 година е предвидено да се зголеми оваа давачка од 7 на 15 проценти. Тој процент стана составен дел на изменетиот Закон за ДДВ што веќе го донесе Собранието, но претседателот на државата не го потпиша, туку го врати да се доработи, па е ставен на повторно гласање во Собранието, на дневниот ред на седницата закажана за денеска.
Туристичките работници негодуваат и подолго време бараат да се врати старата стапка на ДДВ од седум проценти. Тие сакаат да го искористат овој вакуум период за амандманска интервенција во Законот кога повторно ќе биде на гласање. Но, според министерката за туризам, Симонида Кордиќ, не постои таква можност. На состанок во Стопанската комора на Црна Гора, таа им порача на туристичките работници дека не може да се примени механизмот амандманска интервенција, бидејќи Законот е веќе донесен во Собранието и само е вратен за дополнително разгледување.
Претседателот на Здружението за туризам и угостителство при Комората, Ратко Јововиќ, вели дека лошо ќe се одрази оваа мерка на црногорскиот туризам, но и на туристичките компании, зашто аранжманите за наредното лето се веќе договорени со пониската стапка на ДДВ од 7 проценти.
– Примерите од другите држави што ги зголемиле стапките на ДДВ покажуваат дека, по ова, доаѓа до зголемување на даночната евазија и на сивата економија, и тоа најмногу во секторот сместување и угостителство – вели Јововиќ.
Тој смета дека Црна Гора нема простор за зголемување на цените, зашто во опкружувањето се нуди сè повеќе за сè помалку пари.
– Со зголемување на ДДВ на креветите од седум на 15 проценти, ќе го убијат туризмот. Зголемувањето на ДДВ ќе го уништи туризмот. Јасно е дека поголемиот данок на сместувањето ќе ги подигне цените на сместувањето. Креветот што бил 10 евра, по зголемувањето на ДДВ ќе биде 15 или 20 евра. Ова зголемување ќе ги згасне малите хотели, бидејќи ќе мораат да ја покачат цената, а кога ќе го направат тоа, ќе бидат неконкурентни на пазарот. Јасно е дека тоа води кон гаснење – вели поранешниот потпретседател на Здружението на угостители на Будва, Илија Арменко, за „Дан“.
Тој додава дека ако се предвидело зголемување од 7 на 10 проценти, сите сопственици на апартмани би пријавувале сè.
– А, вака ќе има проблеми и се плашам дека ќе се занимаваме со сивата зона во областа на сместувањето, бидејќи има доста луѓе што издаваат апартмани, а ништо не пријавуваат – посочува Арменко.
Неговото мислење за зголемувањето на ДДВ за услугите за сместување во туризмот го делат и сопствениците на луксузни хотели и одморалишта, кои сметаат дека ваквата мерка ќе има катастрофално влијание врз црногорскиот туризам.
– Очекуваното зголемување на стапката на ДДВ за над 100 проценти ќе предизвика неизбежно зголемување на цените на туристичките услуги и со тоа долгорочно ќе ја уништи конкурентноста на нашата туристичка понуда – велат претставници на девет комплекси со пет ѕвезди.
Тие посочија дека практично сите земји чија туристичка понуда ѝ е конкурентна со црногорската, имаат значително пониска стапка на ДДВ за угостителските услуги. Така, Хрватска и Грција имаат стапка од 13 отсто, Италија, Франција и Шпанија од 10 отсто, Турција од осум, а Португалија и Албанија од шест проценти. Подигањето на ДДВ за сместувањето на 15 проценти ќе направи Црна Гора да има највисока стапка за оваа туристичка услуга.
Во својата реакција, раководителите на комплексите наведуваат дека речиси сите од споменатите земји со понизок ДДВ имаат многу побогата туристичка понуда од Црна Гора. Тие го намалиле даночното оптоварување со цел да ја поттикнат оваа важна стопанска гранка, да ги привлечат и да ги задржат инвеститорите и туристичките работници и со тоа да ја зачуваат гранката што обезбедува огромен дел од приходите на тие земји.
Од почетокот на годинава, Црна Гора ја намали стапката на ДДВ за храна и за одредени пијалаци во угостителските објекти од 21 на 15 проценти, но туристичките работници велат дека не им е од никаква корист тоа во услови кога набавните цени дивеат, па, на пример, килограм јагоди се продава за 10 до 15 евра. А, мерката за зголемување на ДДВ за сместувањето, според нив, е избрзана и погубна, зашто не ѝ додадена никаква нова вредност на дестинацијата.