Одземени лиценците на две друштва за приредување на игри на среќа, не плаќале давачки

Министерството за финансии иницираше постапка до Владата за одземање на лиценца за приредување на игри на среќа за две друштва, бидејќи не се исполнети условите од издадените лиценци. Друштвата не ги исполниле условите кои произлегуваат од издадените лиценци плаќале давачки и не плаќале давачки. Со тоа, како што појасни министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска го оштетиле буџетот на државата

195

Министерството за финансии иницираше постапка до Владата за одземање на лиценца за приредување на игри на среќа за две друштва, бидејќи не се исполнети условите од издадените лиценци, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

Таа рече дека во интерес на постапката, засега не може да се објават имињата на друштвата за приредување игри на среќа, но посочи дека едното е формирано во 2022 година и досега нема уплатено ниту еден денар од своите обврски. Министерката рече дека едното друштво е надвор од Скопје и дека двете должат големи износи кон државата.

– Кај двете друштва е констатирано дека не ги почитувале законските обврски што се однесуваат на поседување на лиценца, односно не се платени давачките согласно Законот за приредување на игри на среќа и согласно Законот за данок на личен доход. Меѓу нив се посебните давачки како и данок на личен доход од исплатени добивки на игри на среќа. Министерството за финансии иницираше постапката откако од Управата за јавни приходи се доби известување за извршената надворешна контрола над овие друштва, а Министерството за финансии во неколку наврати уште минатата година имаше поднесено барање за контроли, но дури сега, кога имаме нова директорка, добивме одговор. Согласно доставената документација од УЈП, а согласно надворешната контрола е констатирано дека за едно од друштвата не се платени давачки од јули 2022 година, изјави Димитриеска – Кочоска.

Според неа и покрај тоа што од Министерството за финансии уште минатата година, односно во јули 2023 година е укажано дека постојат неправилности во нивното работење, од УЈП како надлежна институција не било постапено.

-Министерството за финансии уште во 2022 година неколку пати ургирало во Управата за јавни приходи да добие подетални информации за тоа колку е оштетена државата, но оттаму не добило никаков одговор сѐ до смената на директорите на УЈП. Прв пат добивме одговор по смената на директорите на УЈП, рече Димитриеска Кочоска.

Министерството за финансии ги испратило предметите за двете друштва до Финансиската полиција и до МВР кои треба да утврдат дали и во колкав обем е оштетена државата од незаконското работење на друштвата за игри на среќа.

-До надлежните органи е доставено барање за преиспитување на законитоста на приредување на интернет игри на среќа во делот на исполнување на условите и поседувањето на лиценците на ваквите друштва и на друштвата кој приредуваат интернет игри на среќа. Ако се увидат неправилности, соодветно ќе се постапува, додаде министерката за финансии.

(А.С.)