Огромно лизгалиште во близина на Скопје, а скопјани појма немаат

193

За изготвување проект за ревитализација, Град Скопје пред една година определи 7 милиони денари што ќе се реализираат во рок од три години. Деновиве проектот доби поддршка и од Владата. Во моментов ниските температури ја замрзнале и онаа малку вода во езерото што во меѓувреме паднала од атмосферата. Мразот е дебел од 8 до 10 сантиметри по краевите на езерото, но на некои места забележавме заледени санти со дебелина и до 15 сантиметри, правејќи го едно огромно лизгалиште

Она што не им успеа на претходните скопски градоначалници во изминативе 40 години, сака да го направи сегашниот – Петре Шилегов кој со поддршка на Владата има намера запуштеното туристичко место крај Скопје, да го направи бисер на македонската метропола. За изготвување проект за ревитализација, Град Скопје пред една година определи 7 милиони денари од кои 3 милиони беа предвидени за 2018-та, исто толку се зацртани во буџетот на градот за оваа година, а во следната 2020 година и остатокот од предвидените средства.

Поддршка на овој заеднички проект на градот и општина Сарај дојде од Владата која на последната седница ја усвои информацијата за основање на туристичка развојна зона „Матка“ и му даде препорака на Град Скопје во рок од 30 дена да обезбеди постоечка документација за изградба на СРЦ „Езеро Треска“, кој е еден од капиталните објекти на главниот град.
Инаку, СРЦ “Треска” во моментов е речиси целосно нефункционален. Водата во езерото беше испразнета пред некоја година, а ниските температури ја замрзнале и онаа малку вода што во меѓувреме паднала од атмосферата. Мразот е дебел од 8 до 10 сантиметри по краевите на езерото, но на некои места забележавме заледени санти со дебелина и до 15 сантиметри, правејќи го едно огромно лизгалиште.

И околу езерото е насекаде бело. Петнасетината сантиметри снег го покриле ѓубрето кое можеше есенва да се види насекаде. Угостителските објекти не работат, а сопствениците на камп-приколките велат дека се поретко доаѓаат. Освен нам, на екипата на “Вечер”, на ова место, некогаш сврталиште на скопјани, друштво ни правеа две-три кучиња скитници и еден брачен пар со мало дете кои дошле да подишат од чистиот воздух.

Скопјани на социјалните мрежи напишаа колку им значи ова место. Блерим Халими вели дека “само треба да се одржува, нема потреба ништо да се гради, се е ОК”. Ненад Димитријевиќ пишува колку му фали местото “одмор без пари среде Скопје. Се надевам брзо ќе го оспособат”. Но, има и такви кои се скептични дека СРЦ ”Езеро Треска” ќе профункционира. Билјана Савеска пишува: “Колку години по ред го слушаме ова едно исто. Ќе ги оставиме нештата целосно да се уништат, па ќе ги обновуваме”. Лилијан Македонска не очекува дека на скопјани ќе им биде сврталиште”.

Досега имаше неколку обиди да заживее овој простор пуштен во употреба во далечната 1978 година со средства од самопридонес на скопјани и во присуство на маршалот Јосип Броз Тито. Во 2006 година тогашниот градоначалник на Сарај, Имер Селмани, побара странски инвеститор од Австрија кој понуди проект со игралишта за голф, ресторани и хотели, но инвестициите заглавија во правните лавиринти. Од 2009 до 2013 година водата во езерото се испушти, дното беше исчистено од тиња и се бараа начини да се наполни со чиста вода од новиот колектор на река Треска и да се врати во функција. Но, и таа вода не беше чиста бидејќи селаните од блиското село фекалиите ги испушаа во колекторот. Во 2009 година екс-градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски имаше намера да го реконструира без приватен партнер за што имаше најава во градската каса за 2010 година да се одвојат 30 милиони денари, но и тоа пропадна.

До 2013 година со СРЦ “Треска” стопанисуваше ЈП “Паркови и зеленило”, но претходната влада донесе одлука да се префрли сопственоста на објектите од СРЦ “Треска” на Општина Сарај (но не и земјиштето од 35 хектари), но и покрај напорите што ги вложи, локалната самоуправа не успеа да пронајде инвеститор. Пред пет години Градот Скопје изработи физибилити студија за утврдување на оправданоста за пронаоѓање на приватен партнер. Моделите на инвестирање со децении наназад се главната пречка за посериозно заживување на езерото. Овој пат, најверојатно ќе се оди со јавно-приватно партнерство.

– Финансиската состојба што ја наследив во Градот не дозволува за шест месеци да биде направен проект, па уште за шест да се реализира, туку мора побавно. Самиот факт дека скопјани ќе добијат едно пристојно катче да се рекреираат и да избегаат од жештините и загадувањето е доволен мотив за Градот да инвестира. Се надевам дека помалку од три години езерото Треска ќе стане бисер на Скопје што ќе им го оставиме на идните генерации – рече градоначалникот Шилегов.

Најголема пречка за реализација на овој проект претставува прочистувањето на водата во езерото. Шилегов нагласи дека се изработува колекторски систем на Треска за водите од реката да влегуваат чисти во Вардар, но и да го полнат езерото кое се протега на површина од 136.000 квадратни метри, длабоко е од 1,6 до 3 метри и има капацитет од 10.000 капачи.
(С.Бл.) – Фото: Ѕ.Плавевски