„Наместо одговорно и стручно распределување на народните пари за проекти, кои навистина во себе носат вредност за негување и развој на нашата култура, односно такви кои имаат покажано или навестуваат квалитет, успех, стабилност, долготрајност и развојна компонента, овој конкурс одамна е само уште еден бувљак. Главнината од народните пари оди во неврат, нешто малку (поради структура) оди на по некој пристоен проект, нешто оди на проекти по инерција од претходни години и еден дел оди на ‘дај им нешто ситно на овие, да не лаат’, посочува диригентот Сашо Татарчевски за резултатите од конкурсите на Министерството за култура

Збунувачки, неправедни и бесмислени одлуки, немање кредибилитет да се проценува што е од национален интерес, а што не, како и критериуми кои се нејасни и непринципиелни се само дел од реакциите на писателите, издавачите, уредниците и другите уметници кои се појавија деновиве по објавувањето на резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес од културата за 2023 година.

За писателот Петар Андоновски, неговиот нов роман со кој конкурирал, со работен наслов „Не кажувам“ е одбиен, а преводот на неговиот роман „Страв од варвари“ на албански јазик е поддржан. Како што посочува тој, романот ќе го објави и без поддршка на Министерството за култура, но прашува според кој критериум превод на друг јазик се смета за национален интерес, а книга напишана на македонски јазик не е дел од националниот интерес. Според Андоновски, било очекувано што не го поминал филтерот на Министерството за култура.

-После наградите: „Роман на годината“, „Европската награда за литература”, „ПЕН преводи” од Англискиот ПЕН, после преводи на речиси десет јазици, после сите промоции и гостувања во Париз, Брисел, Лајпциг, Франкфурт… мојот нов роман не е поддржан од Министерството за култура. Ова не е ништо друго туку класична одмазда на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска затоа што го критикував нејзиното работење, напиша на Фејсбук, Андоновски.

Резултати според критериуми кои не се воопшто книжевни

За Нове Цветаноски од издавачката куќа „Македоника литера“, пак, веќе е бесмислено да се реагира на резултатите од конкурсите на Министерството за култура.

– Повеќе од очигледно е дека и овој пат не биле приоритетни вредносните критериуми за избор на проектите. Така, ако има некаква смисла да споменам, дека нам, меѓу другите, не ни е поддржан превод на книга директно од кинески јазик, на роман на еден од најголемите грчки писатели на 20 век Стратис Миривилис, во кој има и македонска тема… Не ни е првпат да ни се поддржани три проекти, иако нашата издавачка политика е да објавуваме исклучиво книги со високи книжевни и културолошки вредности. Веќе е бесмислено да се реагира, затоа што од таквите реакции нема никаков ефект. И понатаму има многу случаи кога се одобруваат одлични суми за нетранспарентни или инкогнито манифестации и проекти со сомнителен квалитет, а квалитетни проекти воопшто не се поддржуваат или само симболично ќе се поддржат за да не може да се одржат. Критериумите не се воопшто книжевни, ниту критериуми кои ги земаат предвид вредносните параметри на проектите, и затоа некои проекти се поддржуваат кои немаат никакви допирни точки со културата, како што се проектите на ЛГБТ заедницата и на нивните активисти кои преку разни свои формални или неформални здруженија последните 5-6 години извлекуваат високи суми од буџетот за култура. Веќе е бесмислено да се реагира, бидејќи е бесмислен и односот кон културата на луѓе кои решаваат за културата, а немаат допирни точки со културата, вели за весникот ВЕЧЕР, Нове Цветаноски.

Во Македонија Гоце веќе не смее да биде ниту книжевен лик?!

Своја реакција има и писателот Блаже Миневски, по одлуката на Министерството за култура да го одбие неговиот роман за Гоце Делчев и Јанка Каневче.

-Во списокот со прифатени книги на конкурсот го нема мојот роман „Ако се родат некакви чувства“. Македонското министерството за култура, предводено од Бисера Костадиновска-Стојчевска, одби да ја поддржи приказната за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче од политички причини. Во овој момент, пред да се достави официјалното решение за одбивање на романот до издавачката куќа „Матица македонска“ од Скопје, а тоа секако ќе биде „покриено“ со „аргументот“ дека предложеното дело не е од „национален интерес“, јас не гледам друга освен политичка причина за тоа. Прво, затоа што романот не е прочитан за да биде одбиен од „естетски причини“, и второ, авторот не е анонимен, ги има добиени сите книжевни награди во Македонија, неговите романи и раскази се преведени на дваесетина странски јазици, а тоа според пропозициите на конкурсот за финансиска поддршка на дела од национален интерес е предност, а не хендикеп, вели во реакцијата Миневски.

Писателот посочува дека според објавениот список на Министерството, врвни дела од национален интерес се романот за гробот на Тосун-бег, збирката анегдоти од тетовското планинско подрачје, потоа двете книги за албанските носиите во Кичевско, книгата за село Чалјане како составен дел на Дрвен, книгата со наслов „Сребреница, 25 години болка“.

-Дело од национален интерес може да биде и монографија за село Свиларе, книга со наслов „Продавница за чудни миленичиња“, може и цел том истражување за влијанието на социјалните мрежи во културата на младите, може и книга со наслов „Спекулумот на лудата жена“, може и книга за употребата на јазиците кај националните телевизии во Северна Македонија и така натаму, но не може роман за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче! Ќе видиме какво ќе биде официјалното, писмено образложение, но јавноста веќе добро знае што се случи последниве неколку години со македонскиот идентитет, а сега и со личноста и делото на Гоце Делчев. Ќе оставиме за тоа да се каже нешто повеќе кога ќе го добиеме решението со „правното“ образложение на одлуката, потпишано од госпоѓата министерка, додава Блаже Миневски.

Писателот вели и дека на романот работел и го пишувал полни дваесет години.

-Во тој период истражував во архиви, собирав документи, разговарав со потомци на Јанка Каневче, вереницата или, поточно, љубовницата на Гоце, документарно и авторски ги реконструирав нивните средби, интимните чувства, нивните планови, копнежи и соништа. Во романот како прилог се објавуваат ексклузивни, интимни записи, непознати документи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега необјавени фотографии од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков. Во основа, станува збор за љубовен роман од околу 500 страници, со многу емоции и пресврти, со поетски набој, сo лирски развиена фабулација и постмодернистичка наративна структура, истакнува Миневски, кој посочува дека романот ќе излезе од печат во април, а ќе биде промовиран на 4 мај, денот кога Гоце пред 120 години загина во Баница, а ќе се печати во што поголем тираж, преку повик за претплата.

Како да опстане издаваштвото без реална финансиска поддршка?

И писателката и уредничка Билјана Црвенковска, како што пишува на Фејсбук, не може да разбере зошто оваа година финансиски средства од Министерството за култура не добиле автор(к)и како Петар Андоновски, Николина Андова Шопова, Д.А. Лори, Билјана Стојановска.

-Борбата со ветерниците ја водиме со години наназад, без разлика на министрите, комисиите, владите, буџетите (скратени или зголемени, еднакво распределени или не). И нема да пишувам за тоа кој не добил и зошто не добил, ќе пишувам за тоа што нашите институции не го разбираат во врска со издавачкиот сектор, а многу добро го разбираат европските, странските фондови и министерствата, агенциите во регионот, или барем дел од нив, вели Црвенковска, посочувајќи дека доделените средства за проектите не се доволни за издавање на книги.

-Годинава, за жал, тоа важи за сите изданија – оти доделените средства кај сите издавачи се апсолутно недоволни за да се издадат книгите. Ајде да речеме дека комисиите не се доволно упатени во оваа проблематика, дека буџетите се скратени, дека е економска криза и така натаму, тоа сето ни е јасно – но секторот не може да опстане без посериозна поддршка, затоа што книгите кои се „вредни“ и не се од оние бестселери кои немаат никаква книжевна вредност – едноставно не се продаваат доволно за да можат да бидат самоодржливи. Потребна е поддршка не само за издавање – улогата на Министерството за култура или на толку потребната Агенција за книга, туку и откуп од страна на библиотеките – кој кај нас практично не постои, со некои чесни исклучоци и минимални буџети, додава таа.

Според неа, полесно се помируваат и издавачите и авторите кои не добиле.

-Поголема фрустрација е онаа во врска со добиените проекти што не можеме да ги реализираме со едвај 50% или некаде дури и само 30% од потребната сума. И дилемата: дали да се откажеш или следната година пак да тргнеш со копјето накај ветерниците, посочува Црвенковска.

Ова е „културата“ на (диво)творбата во која живееме

Диригентот Сашо Татарчевски, пак, на својот Фејсбук се обрати до сите уметници и колеги, кои реагираат на резултатите од конкурсот на Министерството за култура.

-Особено до вас кои не очекувате средства за сопствени хонорари, туку средства (во принцип смешни како сума) со кои ќе може цела година да функционира некој ансамбл преку кој се едуцираат голем број млади луѓе и преку кој сакате да ја негувате и претставите нашата култура во странство. И разбирам зошто се скандализирате и исчудувате за милионските суми доделени на анонимуси или за проекти кои немаат никаква врска со ништо, а камо ли со некаква култура. Ама само да ви кажам дека тамам си се резултатите од конкурсот. Ова е „културата“ на (диво)творбата во која живееме. Неа не и треба квалитет, вистински вредности, резултати, не и треба достојно и афирмативно претставување, развој итн. Всушност, токму од тие работи и се плаши како ѓавол од темјан, вели Татарчевски.

Притоа, тој посочува дека наместо одговорно и стручно распределување на народните пари за проекти кои навистина во себе носат вредност за негување и развој на нашата култура, односно такви кои имаат покажано или навестуваат квалитет, успех, стабилност, долготрајност и развојна компонента, овој конкурс одамна е само уште еден бувљак.

-Главнината од народните пари оди во неврат, нешто малку (поради структура) оди на по некој пристоен проект, нешто оди на проекти по инерција од претходни години и еден дел оди на „дај им нешто ситно на овие, да не лаат“. Мизерија, секако. Ама таа мизерија ја гледаме и живееме секојдневно, во секој сегмент од постоењето. Тоа е само рефлексија на сè што ни се случува како општество“, посочува меѓу другото Татарчевски.

Министерство за култура: Kомисиите имале соодветни критериуми за бодување за што пореално вреднување на секој предложен проект

На прашањето за тоа, пак, каков е ставот на Министерството за култура на реакциите по однос на резултатите, оттаму со одговор:

„Комисиите кои одлучуваа по пријавите по дејности, останаа доследни на принципите: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за  ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Поддржани се проекти со интеркултурен карактер и проекти кои одат во полза на деметрополизација на културата. Секако, и проекти кои ја афирмираат нашата култура и уметност надвор од границите“.

Од Министерството за култура посочуваат и дека согласно на спецификите на одделни дејности, комисиите имале и соодветни критериуми за бодување за што пореално вреднување на секој предложен проект.

„Програмата е донесена по професионални критериуми, а секој апликант кој има забелешки на резултатите, согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, против решението може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението“, додаваат од Министерство за култура. (Н.И.Т.)