„Огромни маси ќе се движат кон Европа – нема да имаат почит кон никого, ќе не прегазат“, предупредува Орбан

1877

Европа ќе има тешка зима, потешка отколку што многумина мислат, а сето тоа поради војната во Украина, која сите не става во тешка ситуација, рече премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на отворањето на Меѓународниот саем за земјоделство во Нови Сад.

„Ќе имаме тешка зима. На Србија и е тешко затоа што не е членка на ЕУ, а нам ни е тешко затоа што сме членка на ЕУ“, рече Орбан и оцени дека Унгарија и Србија се „безбедни, без разлика дали станува збор за природен гас или за земјоделство“, наведувајќи дека особено важна е одлуката да се обезбеди железничка транспортна линија од грчките пристаништа преку Србија и Унгарија до Европа.

Најважното прашање, според Орбан, кое ги интересира сите е дали ќе има гориво, ако има, по која цена и  ќе може ли да се обезбедат потребите на граѓаните.

Орбан додаде дека хероите во пандемијата на коронавирус биле лекарите, но во актуелната економска криза, херои ќе бидат земјоделците, бидејќи од нив ќе зависи дали ќе има леб на трпезата и дали ќе има глад.

„Ако не успееме да обезбедиме леб за сите, тогаш огромни маси ќе се движат кон Европа, а тоа ќе бидат луѓе кои сакаат да преживеат. Оваа миграција нема да има почит ниту кон Србија, ниту кон Унгарија. Ако сакаме да ја избегнеме оваа миграција , мора да обезбедиме храна за овие луѓе“, рече унгарскиот премиер.

Тој ги критикуваше санкциите што ЕУ и ги воведува на Русија и оцени дека тие се „еднакви на атомска бомба“, бидејќи, според него, можат да доведат до глад и појава на маса мигранти на границите .

Ние прво мора да размислуваме да го прехраниме нашиот народ и сите луѓе во светот, рече Орбан.