Повеќе од 30 пожари денеска беснеат на територијата на државата од кои 15 се сè уште активни, меѓу кои и огнената стихија која избувна кај Дојран и за кратко време почна да се шири на сите страни, а која според последните информации почнува да се става под контрола од страна на противпожарните екипи.
Огнот, кој избувна на депонија кај населбата Карач предизвика паника кај тамошното насление, кое беше евакуирано, а според првичните информации беа зафатени три куќи во населбата.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов во изјава за ТВ Телма рече оти има индиции дека пожарот на депонијата е подметнат, но за тоа како што додаде остава надлежните органи да и преземат одредени постапки.
„Се соочуваме со навистина голем пожар. Дојде и воен хеликоптер на Армијата да помогне во гасењето, меѓутоа ветрот прави големи проблеми и навистина многу бргу се шири овој оган“, изјави Ангов.
Во врска со трите зафатени од огнот куќи во наслебата Карач, градоначалникот вели дека и покрај брзата интервенција на противпожарните екипи кои дошле од целиот регион да помогнат не успеале да ги спасат куќите.
„Тоа се три куќи кои се во населба Карач, таму живее локално население кои што за жал и покрај брзата интервенција на противпожарните екипи коишто дојдоа од целиот регион да помогнат самиот ветер направи проблем и го префрли огнот многу бргу. Не успеавме да ги спасиме тие куќи, сега мислам дека пожарот полека се става под контрола и се надеваме дека набргу ќе ни дојде поголема помош бидејќи навистина станува збор за многу голем пожар“, изјави градоначалникот на Дојран.
Тој, додава дека во случајот можело малку побрзо да се реагира од Центарот за управување со кризи и од Дирекцијата за заштита и спасување.
„Чекавме доста време за испраќање на хеликоптери и авиони и пожарот многу бргу се рашири поради временските услови, како што напоменав“, рече Ангов.
Од друга страна директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов во својата пладневна изјава која ја даде од место над Дојран, рече дека во пожарот не се изгорени куќи.
„Моментално се наоѓам над Дојран каде утрово изби пожар од депонијата којшто ја зафати околната вегетација и се прошири кон околната населба. За среќа немаме изгорени куќи, туку само една или две куќи коишто се благо зафатени од огнот и имаат сосема мали оштетувања“, рече Ангелов.