Огнената линија надмина 30 километри: Пожарот во Мариовско беснее веќе шести ден

29

Преку 30 километри достигна огнената линија од пожарот во Мариовско, кој е активен веќе шести ден, без знаци на смирување. На терен се над 200 професионалци кои превенираат ширење на огнот кон населените места.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека пожарот во Мариовско во моментов е најтешкиот пожар во државата и предизвикува голема вознемиреност кај граѓаните.

-Рано утрово таму испративме 100 припадници на Армијата, 25 полициски специјалци, 40-ина вработени во Национални шуми, како и повеќе од 40 пожарникари кои се поддршка на локалните прилепски пожарникари – информира Ангелов.

На гасење на огнот во Мариовско, како што информира првиот човек на ЦУК, денеска дејствувале и два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Тој додава дека и покрај вознемиреноста на граѓаните, не постои ризик по ниту едно село од околината.

Во случај огнените јазици да се приближат до некое од селата, како што рече Ангелов, професионалците на терен ќе вложат напори селата да не бидат доведени во опасност.