Овој 14 февруари на Свети Трифун e скромен и тажен

199

Скопјанецот Е.Ј., чие семејство го слави Свети Трифун безмалку 100 години, вели дека и покрај трагедијата која ја потресе Македонија, се одлучиле да ги закројат лозите во нивното лозје. Симболично закројување на винови лози со молитва од владиката Агатангел беше реализирано во дворот на црквата “Свети Димитрија” во Кавадарци


14 Февруари, денот на лозарите e одбележан скромно и тажно не само во скопскиот регион туку и низ целата држава. Овој ден кој кај народот е познат како Свети Трифун, заштитник на одгледувачите на грозје и секоја година се прославува со радост, овој пат лозарите длабоко потресени од автобуската несреќа кај скопско Ласкарци во која животот го загубија 14 патници, а над триесетина беа повредени, некаде одлучија да го направат верскиот обред на закројување на лозите, а некаде овој чин е одложен за сабота.

Скопјанецот Е.Ј., чие семејство го слави Свети Трифун безмалку 100 години, вели дека и покрај трагедијата која ја потресе Македонија, се одлучиле да ги закројат лозите во нивното лозје.

– Доцна заспав, со болка во градите, длабоко потресен од трагедијата што се случи. Рано станав со сознание дека има уште еден починат. Многу тажен ден. Мое искрено и длабоко сочувство за настраданите. Овој 14 февруари ќе биде скромен и тажен Свети Трифун. Јас ќе отидам на лозје, ќе се напијам една ракија, адетот да го истерам. Нека почиваат во мир – вели Е.Ј.

Симболично закројување на винови лози беше реализирано во дворот на црквата “Свети Димитрија” во Кавадарци. Закројувањето со пригодна молитва, го изврши владиката Повардарски Агатангел во сослужение со свештеници на Македонската православна црква – ОА, од кавадаречкото и велешкото намесништво. Владиката Агатангел им се обрати на верниците, а во својата беседа, се задржа на оддалечувањето на луѓето од Бога.

– Тоа го илустрира со драстичното опаѓање на присуството на верници, токму на чинот на симболичното закројување и во црквите на овој ден – нагласи Агатангел.

Претходно, во верскиот храм “Света Параскева Петка” беше одржана Света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше владиката Повардарски Агатангел, посветена на светителот Трифун.

Скромно и симболично беше одбележан Свети Трифун на лозовите насади во Гевгелија. На симболичното закројување на лозјата, што се одржа веднаш по празничната литургија во дворот на црквата “Света Петка” во селото Прдејци, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој во оваа прилика на лозарите им посака богат род и бериќетна година. Вековниот адет на закројување на лозјата, винарите и лозарите го направија уште во претпладневните часови речиси во сите населени места во Гевгелија.

Инаку, општина Кавадарци ја откажа најавената манифестација по повод Свети Трифун. Културно-уметничките програми ги откажаа и Неготино и Демир Капија. Општина Неготино планираше да организира тридневна манифестација со намера да привлечат што е можно повеќе гости од регионот, земјава и странство, а со тоа манифестацијата да се издигне на ниво на препознатлива стопанско-туристичка манифестација.

И винаријата Стоби го одложи за сабота закројувањето и одбележувањето на 10-годишнината од работењето.

(С.Бл.)