ОВА НЕ СЕ ПАМЕТИ, ЗЕМЈАТА ГОРИ: Во еден ден во Грција избувнале 209 пожари/ФОТО

271
Фото EPA-EFE/DIMITRIS ALEXOUDIS

Пожарите што ја зафатија Грција не покажуваат знаци на стивнување. Во последните 24 часа избувнале 209 пожари. „Ситуацијата е без преседан“, рече министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикилијас за време на брифингот за пожарите. Како што рече министерот, ова е „најлошото лето откако се собрани метеоролошките податоци“.

Фото: NASA FIRE INFORMATION FOR RESOURCE MANAGEMENT SYSTEM (FIRMS) / SCREENSHOT

Василис Кикилијас извести дека во последните пет дена избувнале 355 пожари, а само во последните 24 часа 209.

Стотици пожарникари во текот на ноќта се бореа за да го локализираат шумскиот пожар на периферијата на Атина, што предизвика дополнителна евакуација, додека властите на 23 август предупредија дека ризикот од нови пожари е голем низ целата земја, објави новинската агенција Ројтерс.

Дваесет лица загинаа откако во саботата избувнаа шумски пожари во северна Грција и брзо се проширија, разгорени од силните ветрови во вториот голем пожар во летово.

Пожарот во близина на селото Фили на околу 25 километри северно од Атина, се проширил во градот Менида, каде што околу 150 луѓе морале да бидат евакуирани од три домови за стари лица, изјави претставник на локалната власт.

Во блискиот грчки пристанишен град Александрополис, десетици болнички пациенти се евакуирани на траект.

Чадот од пожарот во источниот регион на Еврос се прошири сè до островите во Јонското Море на северозапад од земјата, недалеку од Италија.