Актуелна во пораката која ја испраќа, сериозна во темата што ја разработува, со интересно портретирани ликови и одлична актерска игра, претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, синоќа, премиерно се изведе на сцената на Македонскиот народен театар, а публиката ја награди со долги стоечки овации за кои актерите и режисерот неколкупати излегуваа на бис…
Еден против сите. Треба храброст за да се биде сам против сите. Со разум и аргумент да се разубеди толпата да не одземе живот, млад живот, да не се линчува некој/и заради тоа што навидум некој така вика или бидејќи „вистината“ навидум така се чини. Да се има разумен сомнеж, да не се верува слепо на сите информации кои се пласираат како вистина од секој, секого, од секаде.
Актуелна во пораката која ја испраќа, сериозна во темата која ја разработува, со интересно портретирани ликови и одлична актерска игра, претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, синоќа премиерно се изведе на сцената на Македонскиот народен театар, а публиката ја награди со долги овации, за кои актерите и режисерот неколкупати излегуваа на бис.
Премиерата и ден претходно, претпремиерата ја гледаа голем број познати личности од јавниот, културниот и политичкиот живот на нашата држава, како режисери, актери, продуценти, театарски критичари…
Претставата прикажува работа на дванаесетчлена порота, која по презентирањето на доказите од обвинителството и одбраната има задача да одлучи дали да осуди или ослободи 19-годишно момче, кое е обвинето за убиството на сопствениот татко. Работена е според мотивите на теледрамата од 1954 година „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз, но адаптирана за денешниов миг, од режисерот Евтимов кој е познат по многу хит претстави. А ликовите по ставовите, мислењата, емоциите, искуствата кои ги искажуваат и личните судбини кои ги раскажуваат за себе, ја покажуваат сликата на денешното општество со сите свои вредности, недостатоци и мани.
Иако дејството е сместено во една сцена, која претставува соба со маса во која поротниците треба да ја донесат одлуката, машката актерска екипа составена од реномираните и докажаните Јордан Симонов, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Благој Веселинов, Александар Микиќ и Гораст Цветковски, во 90 минути ја држат публиката без да трепне.
И она што на почетокот изгледа како лесна одлука, веднаш да се гласа и да се прогласи за виновен младиот човек, за кого следува смртна казна, сепак прераснува во сериозна дискусија околу вистината за она што навистина се случило за време на убиството. Кај поротникот бр. 8, постои разумен сомнеж околу доказите изнесени на судењето, иако останатите 11 од поротата се сигурни дека момчето е виновно. Но секогаш некој ќе застане пред толпата. И додека се образложуваат и реконструираат настаните околу убиството, а доказите еден по еден паѓаат како кула од карти, поротниците ги преиспитуваат своите предрасуди и фрустрации во однос на случајот – што претставува одраз и во реалниот живот.
Треба ли човек логично и разумно да ги преиспитува работите и да постапува согласно разумот и свеста, а не да ги прифаќа стихијно и беспоговорно, бидејќи повеќето така одлучиле? Треба ли човек да гледа со широко отворени очи и ум на вистините и работите кои ни се претставуваат бели, а всушност се црни? Треба ли човекот сам да се спротивстави на мејнстрим мислењето? Треба ли храбро и аргументирано да го брани и да се бори за својот став, а против мас сфаќањата? Заканата од нуклеарна ескалација на војните, кои се водат во светот во реалноста, а на кои суптилно се укажа во претставата – нека го поттикне секој поединец дека со разум треба да застане против мејнстрим и мас „,вистините“, кои се пласираат, а кои можат да бидат погубни за целото човештво. А големото блештавило од нуклеарката, пак, кое ја осветли сцената – нека биде еден вид просветлување за сите да застанат во одбрана на вистинските човечки вредности: мир наспрема војна, живот наспрема смрт, емпатија наспрема агресија, прифаќање наспрема предрасуда и оцрнување.
Асистент на Евтимов е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, музиката е на „ПМГ Колектив“, а претставата е посветена на Мирко Попов. „12“ е наменета за возрасната категорија над 16 години.
Моќната актерска екипа, која игра во „12“, оправдано, предизвика голем интерес во јавноста и пред премиерната изведба, а како што соопштуваат од МНТ билетите за идните претстави се распродадени во наредните неколку месеци. (Н.И.Т.) Фото: МНТ