Објавен романот „Русинката“ од Џиб Михаеску

53

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Русинката“ на познатиот романски писател од ХХ век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.

„Русинката“ е ремек-дело на еден од најголемите романски класици Џиб Михаеску. Дејството се одвива некаде во граничната област меѓу Романија и Русија, на реката Днестар, каде што се воспоставуваат опасни врски меѓу романски поручник, локалното население и руски бегалци по Октомвриската револуција. Главниот лик е романски офицер, растргнат меѓу воените обврски и својата страст за жените, кои се неговата најголема опсесија. Дали тој ќе го најде својот идеал, изграден со читањето на класични руски автори, или ќе сретне многу поинаква Русинка? Потрагата по идеалната жена се претвора во своевидна детективска приказна, на чија заднина се откриваат многу човечки судбини. Зад сè, сепак, стои мистериозната река, која предизвика повеќе од една судбина и го држи клучот за оваа невозможна опсесивна љубов.

-„Русинката“ е еден од најдобрите воени романи, иако во него нема борбени дејства, но во кој има романтичниот порив спрема жената и во кој е одразена трагичната реалност на последиците од револуцијата, дури и кога таа се случила на другата страна на реката. Талентиран хроничар на своето време, низ перипетиите на бегалците и активностите на безбедносните сили, Михаеску во „Русинката“ создал воен роман во форма на модерна бајка. Во него силно се манифестира естетиката на романскиот модернизам, со метаморфо­зата на реката што ја доживува нараторот, интензивните еротски сцени пренесени многу емотивно, натуралистичките сцени на човечкото страдање, како и психолошките размисли и дијалози. Во ова дело е присутна и горчливата иронија на времето, која е во контраст со идеализираната слика на жената на рускиот романтизам од претходната ера и уметничката репродукција на колапсот на овие идеали во суровото модерно време. Така, романот е своевидно возбудливо и оригинално читање на делата на Достоевски, Толстој и Тургењев во романска перспектива, што е нивно хронолошко и уметничко надополнување и контрапункт, посочуваат од издавачката куќа.

Џиб Михаеску (1894 – 1935), чие вистинско име е Георге И. Михаеску, е романски прозаист и драматург, еден од најголемите во романската литература во првата половина на 20 век.Починал на 41-годишна возраст од туберкулоза. Михаеску покажал извонреден талент во литературата. Неговото прво објавено дело е расказот „Прва линија“ (1919). Првата објавена книга била збирката раскази, „Грандифлора“ (1928). Неговата драма „Павилјонот во сенка“ (1928) постигнала огромен успех во Букурешт. Напишал пет романи: „Раката на Андромеда“ (1930), „Русинката“ (1933), „Чоколадна жена“ (1933), „Деновите и ноќите на задоцнетиот студент“ (1934) и „Дона Алба“ (1935). Автор е уште на книгите со раскази „Веденија“ (1929) и „Сонот“ (1935).

„Русинката“ е второ дело на Џиб Михаеску преведено на македонски јазик, по романот „Дона Алба“, исто така во издание на „Македоника литера“ (2022).