Објавено е кога најдоцна демократите официјално ќе ја номинираат Камала Харис за свој претседателски кандидат

260
Фото: EPA-EFE/TING SHEN / POOL

Одборот за правила на Демократската партија го одобри планот за формално номинирање на Камала Харис за претседателски кандидат уште на 1 август, пред партиската конвенција на 19-22 август во Чикаго, а таа ќе треба да избере потпретседателски кандидат до 7 август.

Харис, која доколку биде избрана би станала првата жена претседателка во американската историја, веќе одржува предизборни митинзи, а нејзината кампања соопшти дека од неделата вечерта собрала повеќе од 100 милиони долари.

Харис има тесно водство пред републиканецот Доналд Трамп во претседателската трка, според новата анкета на Ројтерс/Ипсос.

Таа води пред Трамп со 44 наспроти 42 отсто меѓу регистрираните гласачи во националната анкета спроведена во понеделникот и вторникот, што следи по Националната конвенција на Републиканците каде Трамп формално ја прифати номинацијата на неговата партија во четвртокот и изјавата на претседателот Џо Бајден во неделата дека ја напушта трката и ја поддржува кандидатурата на Камала Харис.