Обраќање на Трамп до поддржувачите покрена контроверзи: Христијани, гласајте само овој пат и повеќе нема да морате да го правите тоа

247

Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп предизвика критики од неговите противници велејќи им на христијаните дека „нема да мора повеќе да гласаат“ доколку тој биде реизбран во Белата куќа во ноември.

На предизборниот митинг во Флорида пред конзервативните христијани во петокот вечерта, 78-годишниот Трамп ја повика толпата да гласа за него на претседателските избори на 5 ноември, тврдејќи дека тоа ќе потрае само еднаш.

„Христијани, излезете и гласајте! Само овој пат. Нема да морате да го повторите тоа. Уште четири години, знаете што? Ќе се поправи. Ќе биде добро. Нема да морате повторно да гласате , мои прекрасни христијани“, рече Трамп. Изјавата остави простор за дополнителни толкувања.

Не може да се исклучи дека Трамп мислел дека христијаните повеќе нема да мора да гласаат за него бидејќи ова ќе му биде втор мандат. Исто така, постои можност да сакал да каже дека во вториот мандат толку ќе ја подобри состојбата во Америка што на изборите за четири години нема да биде важно кој ќе победи.

„Ве сакам христијани. Јас сум христијанин. Ве сакам, излезете, мора да излезете и да гласате“, додаде Трамп.

Тимот на кампањата на неговиот политички ривал, демократката Камала Харис, ја гледа изјавата на Трамп како показател дека сака да ја „укине демократијата“ доколку се врати во Белата куќа.

„Кога потпретседателката Харис вели дека ова се избори за слободата, таа го мисли тоа. Нашата демократија е нападната од криминалецот Доналд Трамп: откако Трамп ги загуби последните избори, тој испрати толпа да ги поништи резултатите“, рече портпаролот на кампањата.

„Во оваа кампања тој вети насилство доколку загуби, крај на нашите избори ако победи и укинување на Уставот за да може да биде диктатор и да ја спроведе својата опасна агенда Проект 2025 во Америка“, заклучи тој.