Почитувани граѓани,
Денес, на 8 Септември, на денот на македонската независност, го празнуваме нашиот трет, последен и од меѓународен аспект-најзначаен Илинден. Денес сме собрани да се потсетиме дека независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава.
Во целиот тој историски континуитет на трите Илиндени, први се вклучија илинденците кои се бореа за слободата наспроти смртта, партизаните кои се изборија за државност наспроти окупација и огромното мнозинство граѓани кои пред 30 години се изјаснија за независност. Не беше случајно тоа што илинденците како Брашнаров и Влахов во 1944-та беа учесници на државотворното заседание на АСНОМ, и не беше случајно што АСНОМ-ецот Глигоров во 1991 година јавно го прогласи новото поглавје на суверената и независна македонска држава.
Континуитетот, но и концептот на државата е јасно впишан и во клучните документи на трите Илиндени: Крушевскиот манифест кој декларира соживот меѓу еднаквите, Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од Св. Прохор Пчински и Декларацијата за сувереност, кои ја потврдуваат визија на основачите за демократска република, втемелена врз сите меѓународни документи и принципи за човековите права и слободи.
Оттука, 8 Септември не е, како што некои скептици коментираат, некогаш и денес, стихијна и непромислена авантура на еден млад и историски неопитен народ, туку обмислено заокружување на најзначајниот проект во нашата историја врз чијшто концепт работеа плејада врвни македонски интелектуалци. На 8 септември 1991 година македонските граѓани го искористија своето суверено право на самоопределување и по мирен и демократски пат се изјаснија за независност. Гласот „за“ суверена и самостојна Република Македонија беше глас на човековото достоинство и израз на неотуѓивото право на секој народ и на секој македонски граѓанин самиот да реши за себе, за своите деца, за сопствената држава и иднина. На тој ден-8 септември 1991 се вкрстија во едно, сите претходни Илиндени, на сите генерации кои сонувале, се бореле, гинеле, но, на крајот, сепак, се избориле за нашата слобода.
Почитувани сограѓани,
Кога еден народ создава своја држава, тогаш секој поединец неминовно доаѓа до сознанието дека неговата судбина и иднина, неговиот развој и напредок се нераскинливо поврзани со судбината и иднината на државата што ја создал. Како што државата е одговорна за своите граѓани, така и секој еден од нас е одговорен за државата, затоа што од нас самите зависи нејзиниот опстанок и нејзините перспективи.
Оттука, овој 30-годишен јубилеј е можност и за колективно преиспитување на нашата совест. Прашањето кое уште во далечната 1903-та го постави Крсте Петков Мисирков за нашата генерација и денес има еднаква тежина: Што направивме и што треба да правиме во иднина? Искрениот и реален одговор е дека ова е прашање за секој еден од нас, но, најмногу за сите досегашни политички раководства, чија одговорност е далеку најголема и пред предците кои ги оставија коските по планините за да ја направат оваа држава, не помалку за нашите деца и внуци, за нашата младост.
За да дојде до своја држава нашиот народ во изминатиот век и половина има поминато низ една од најголемите голготи која ја памети европската историја. Само да се потсетиме дека во завршната етапа, независноста ја стекнавме во исклучително сложени геополитички и безбедносни околности, на крајот на Студената војна и на почетокот на крвавиот распад на југословенската федерација. Во такви услови, сите критериуми за меѓународно признавање ги исполнивме без употреба на навреди и насилство ниту кон соседите, уште помалку кон сопствените граѓани. Тогашното лидерство имаше тешка задача, да изгради плурални демократски институции за кои немавме претходно историско искуство, да ја трансформира економијата врз нови основи, да создаде нови општествени правила и навики за да и овозможи на државата да опстане и да се развива во новиот глобален поредок. Имајќи ги во предвид делото и заслугите на првенците на таа генерација, дел од нив претходно веќе признаени, денес со Орден „8 Септември“ ги одликував првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија и неговиот прв претседател.
Драги сограѓани,
Во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една вистина, една реалност, а таа е дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеси: од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност. Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација.
Тргнувајќи од Крушевскиот манифест, преку Рамковниот договор се до денешните модели на заедничко живеење, се провлекува суптилната нишка на инклузивноста која ги држи различните етникуми заедно и во добро и во лошо. Најголем успех на државата е ако сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или припадници на помалите етнички групи, независно дали се христијани, муслимани, Евреи или атеисти ја чувствуваат како своја татковина.
Но, истовремено, иднината на државата зависи и од нашата целосна интеграција во битните меѓународни организации, затоа што малите држави не можат да опстанат во денешниот глобален и немирен свет, ако се сосема сами без сојузници и пријатели. Уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница. Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сеуште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области.
Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите.
Почитувани,
Овие две оски на нашата стабилност не секогаш беа ускладени. Понекогаш тоа беше поради притисокот на надворешните фактори врз кои ние немавме никакво влијание. Негирањата и заканите, двојните стандарди, политичките блокади на нашите интегративни процеси ни одзедоа премногу време и енергија. Затоа, направивме тешки, но неопходни политички компромиси, со цел да отвориме нови перспективи и да излеземе од изолацијата во која некои свесно не туркаа.
Но, да бидеме искрени, за дел од проблемите сме и самите виновни. Години и години изгубивме додека се обидувавме да извршиме историски инженеринг врз нашето потекло и корени кои се неспорни и одамна потврдени, или кога некои права поврзани со статусот и вклученоста на етничките заедниците во заедничката држава долго време ги држевме на маргините. Од време на време, прекумерната етнизација на политиката и партизацијата на институциите дополнително ја влошуваа состојбата што доведуваше до меѓуетнички тензии, политички кризи и длабоки поделби меѓу граѓаните кои ја нарушија нивната доверба во сопствената држава.
Ефектите од долгата и мачна транзиција придонесоа постепено пред наши очи да се оформи најголемата опасност и закана за нашата иднина, а, тоа е – масовното иселување на нашите граѓани. Младите, но и повозрасните се иселуваат тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот достоен за човекот во 21-от век.
Почитувани граѓани,
Во овој контекст, некои го поставуваат прашањето дали воопшто ја заслуживме независноста. Според мене, тоа е прашање од сосема поинаков категоријален статус кое не треба да го мешаме со главното. Независноста стекната во 1991-та е третата и последна фаза на најголемиот национален проект во нашата историја, започнат и развиван преку двата Илиндена. Прашањата од типот, зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не илјада, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни. Не треба да бегаме од фактот дека тие проблеми и потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, тоа, на ниеден начин не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив да имате независна, слободна и конечно, и најважно, наша, сопствена држава. Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт однадвор наметната, а такви, за жал, во нашата историја имавме предолго.
И да не заборавиме дека сите наши научни, уметнички, спортски и стратешки дострели во изминативе 30 години не ќе беа можни во таков обем ако немавме наша сопствена држава. Затоа, без и една секунда двоумење, без тронка сомнеж можеме да кажеме дека македонската државност и независност е нашето најголемо историско достигнување со кое треба да се гордееме.
Но, почитувани, што е со вториот дел од прашањето на Мисирков? Што треба да правиме во иднина, во наредните години и децении за да имаме побогата и подостоинствена живејачка? Самиот Мисирков го дава одговорот кога вели дека „за да си ја очистиме совеста пред народот наш за дадените од него жртви, треба да се зафатиме за … работа.“ А тоа, почитувани сограѓани е само другото име на патриотизмот, бидејќи патриотизам се секојдневните жртви, но и секојдневното посветено работење за државата, за граѓаните, за семејството, за најблиските. Вистинскиот патриотизам значи почитување на законите, одговорно користење на ресурсите и чување на животната средина бидејќи друга немаме. Вистинскиот патриотизам подразбира да ги воспитуваме нашите млади да бидат доблесни и одговорни личности.
А, тоа што ни недостасува сите го знаеме: да се почитуваме малку повеќе меѓу себе, да разбереме дека поинаквиот од нас не е наш непријател, дека политиката е борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не борба на живот и смрт. Ако успееме да се помириме и да го канализираме целокупниот наш потенцијал никој нема дилема дека овој народ има сили, има знаење, има енергија, имаме паметни млади луѓе кои ќе знаат да си ја доуредат државата.
Во Манифестот на АСНОМ се вели: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.“ Но, уште поважно е да знаеме во каква држава сакаме да живееме. Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина, мора да се потрудиме повеќе како држава и да им обезбедиме услови да успеат дома, во својата земја.
Република Северна Македонија треба да ја градиме како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да вложуваме во квалитетно образование, што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да инвестираме во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови.
Драги сограѓани,
Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток,без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме.
Да ги дочекаме и следните јубилеи живи и здрави!
Нека е за многу години Денот на независноста!