Обележани за сечење над сто дрвја во Аеродром кај Воен базен

2115

Обележани се за сечење над сто дрвја во Аеродром кај Воен базен за проширување на улицата „Васко Карангелески“ која треба да прерасне во булевар. Жители во овој дел на Аеродром не сакаат да се сечат дрвјата и предлагаат до градските власти, ако веќе мора да се отстранат од планираната траса, место нивно сечеење, да се откорнат и да се пресадат на друго место со цел да не се изгуби ова зеленило.

– Не е само тој дрворед, обележани се за сечење и дрвјата после Поликлиника „Јане Сандански“ до Воен базен, тоа се повеќедецениски јавори. На потегот од крстосницата со улицата „Владимир Комаров“ до касарната „Гоце Делчев“ се наоѓаат млади дрвја кои што можат да се пресадат – велат жители на Аеродром.

Во врска со постоечкиот сегмент од улицата што треба да се проширува, се предлага како решение проширувањето да се направи само од источната страна (од кај училиштето „Љубен Лапе“), за да се зачува дрворедот што постои од западната страна.

– Во тој случај ќе биде незгодно кај крстосницата со „Владимир Комаров“ бидејќи сегментите на „Васко Карангелески“ нема да можат да бидат порамнети на иста оска, ама со сечење на минимимален број дрвја може да се изведе решение со некој благ преод и без газење врз сообраќајни стандарди – предлагаат жители.

Како што објаснуваат од Град Скопје, на трасата се наоѓа само еден објект кој треба да биде урнат, а тоа е кафеаната „Фирма“. Дел од паркингот ќе биде улица. Од овој паркинг „Бисера 3“ обично поаѓаа автошколи при полагања со комисии.

Град Скопје и општина Аеродром неодамна почнаа со градежни работи на улица „Васко Карангелески“ со цел делот од булеварот „Јане Сандански“ до улица „Владимир Комаров“ целосно да се реконструира, додека на потегот до булеварот „Трета македонска бригада“ ќе биде изведено целосно ново булеварско решение со по две коловозни ленти во правец, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.

Оваа улица најмногу ќе се користи за пристап од Стар Аеродром до булевар „АСНОМ“, но ако се прошири и кракот до кружниот тек.

– Станува збор за потег што е крајно неопходен за жителите на овој дел на општина Аеродром имајќи во предвид дека во минатото интензивно се градеше на делот на воените бараки и кај касарната „Гоце Делчев“, а граѓаните коишто живеат овде ја немаат потребната комуникација. Со изведбата на оваа улица ќе дојде до конекција на „Трета македонска бригада“ и булеварот „Јане Сандански“, меѓутоа така го овозможуваме и влезот на граѓаните од Лисиче на овој дел од општина Аеродром на новиот мост којшто се гради кај хотел Русија, со што им овозможуваме брза и лесна комуникација на граѓаните од овој дел на општината и од овој дел на градот – рече тогаш скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

(С.Бл.)