Нови 500 милиони евра Владата обезбедува како заем од унгарската Експорт-импорт банка за редовно и целосно сервисирање на обврските што доспеваат во јануари 2025 година по основ на издадена Еврообврзница во 2018 година. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вчера во Будимпешта го потпиша договорот за заем.
– Со овој заем обезбедуваме поволни услови за отплата на обврските коишто доспеваат во јануари. Заемот согласно Договорот е одобрен со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25% која е многу пониска од каматата доколку се одлучевме да издадеме нова Еврообврзница за која каматата е над 6% и на тој начин да направиме заштеди во Буџетот. Дополнително заштеди се прават и по основ на трошоци за провизии кои за овој заем се околу 50 илјади евра, наспроти трошоците за издавање Еврообврзница кои достигнуваа и над 1 милион евра – рече министерката за финансии.
Таа истакна дека е особено важно што заемот е под истите услови како и првиот заем за кој беше потпишан Договор во октомври.
– Средствата ќе бидат достапни на земјата на почетокот на јануари со цел навремено да се рефинансира Еврообврзницата. Оттаму важен аспект е дека повлекувањето на овие средства нема да влијаат на нивото на јавниот долг, односно се повлекуваат средства во оној износ во кој е издадена и Еврообврзницата – рече министерката.