Обвинителството со детали за нападот во Босанска крупа: Ќе се истражува дали зад малолетникот стојат екстремистички групи?

50

Директорот на полициската управа на Унско-Санскиот кантон, Амел Козлица денеска изјави дека малолетникот што ги нападна полицајците претходно не и бил познат на полицијата и дека во моментов проверуваат дали зад него стојат екстремистички групи.

„Овој малолетник не ни е познат од претходно. Безбедносната ситуација е под контрола. Како што наведов, веднаш наредивме дополнителни безбедносни мерки. Мислам дека граѓаните секако ќе се чувствуваат побезбедни. По истражувањето и сослушувањето на сведоците, ќе излеземе во јавност. Поради безбедносна состојба и спречување на малтретирање на граѓаните во кантонот и градот, нема да излегуваме во јавноста со шпекулации“, изјави Козлица, пренесе Аваз.

Главната обвинителка Мерима Мешановиќ изјави дека по апсењето на малолетникот, била претресена неговата куќа.

„Предметите кои се важни и неопходни за понатамошна кривична постапка се одземени. Ќе провериме дали бил поттикнат да го направи ова и дали зад него стојат некои екстремни групи“, рече обвинителката.

Таа рече дека се работи за малолетник кој не наполнил 15 години и дека според Кривичниот законик за тоа кривично дело е пропишана казна од најмалку 10 години или доживотен затвор, но дека таква казна не може да му се изрече, бидејќи тој е помлад од 16 години.

Според неа, малолетник може да биде испратен во воспитно-поправен дом најмногу пет години.

Синоќа во 20.40 часот во Босанска Крупа, малолетник со нож нападнал двајца полицајци кои биле дежурни во полициската станица во местото. Еден полицаец починал од повредите, додека другиот е пренесен во болница и моментално е во стабилна состојба.