Обвинителството издаде наредба за дополнителна тимска реобдукција на телото на починатиот кај струмичко Ново Село

30

Основното јавно обвинителството – Струмица издаде наредба за дополнителна тимска реобдукција на телото кое беше пронајдено на 7 овој месец во местото Ореш, во атарот на струмичко Ново Село, бидејќи обдуцентите и по неколку денови не можеле да се произнесат за причините заради кои настапила смртта, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Во информацијата стои дека резултатите од реобдукцијата се уште не се пристигнати во Обвинителството, а при увидот кај починатиот биле констатирани повеќе повреди кои првично упатуваат на насилна смрт.

– Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Струмица, со цел утврдување на фактите во случајот, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица поднесе повеќе барања за издавање наредби за претреси во домови и други простории на лица со кои починатиот остварувал последни контакти. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на снимки од видео надзор од еден угостителски објект, како и наредба за вештачење на мобилни телефони. Од мобилните оператори побарани се податоци за остварена телефонска комуникација, а издадена е и наредба за вештачење на повеќе предмети пронајдени во близина на телото на починатиот. Целиот терен, по наредба на јавен обвинител, циклично се пребаруваше два пати за да се пронајдат и други траги и предмети. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, стои во денешната информација од ЈО.

Инаку, МВР на 8 овој месец информираше дека вечерта на 7 јуни во 19:10 часот во СВР Струмица било пријавено дека било пронајдено починато машко лице. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а на телото имало видливи повреди.