ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ СООПШТИ ПРИЧИНИТЕ ЗА НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ: Возачот возел брзо, сопирачките неисправни

71

Скопското обвинителство отвори истрага за кобната несреќа и приведе шест лица кои се сомничат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот

Недозволената брзина на движење и нецелосната исправност на сопирачките на автобусот на “Дурмо турс” се причините за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 15 лица, а над 30 биле повредени, соопшти денес обвинителот Сашо Рајчев од скопското обвинителство.
Покрај овие две причини, истрагата утврдила дека во автобусот бил инсталиран и уред за манипулација со технографот кој ја мери брзината на движење.

Скопското обвинителство за кобната несреќа отвори истрага и приведе шест лица кои се сомничат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Првоосомничен е сопственикот на  Дурмо турс”, кој е и управител на фирмата. Тој како што појасни обвинителтот е единственот во фирмата кој поседувал сертификат, но не го организирал превозот согласно прописите, не водел евиденција, а тоа го препуштил на раководителот на “Дурмо турс”, кој не поседувал сертификат.

Токму раководителот е второосомничен. Тој овозможил да се инсталира уредот во автобусот со кој се манипулирал технографот, односно мерењето на брзината на движење.

Третиот, четвртиот и петтиот осомничен се од фирмата за технички преглед, чиј сопственик е првоосомничениот, односно газдата на “Дурмо турс”. Тие како одговорни за технички преглед и контрола издале документација за исправност на автобусот во двата прегледа, направени во јули и декември лани и покрај тоа што што сопирачките не биле на потребното ниво на исправност.

Шестоосомничен е возачот, кој возел над дозволената брзина од 80 километри на час. За време на несреќата, тој се движел со 99 километри на час, а го активирал и уредот за манипулација на брзината. Истрагата на скопското обвинителство утврдила оти тој поради брзината изгубил контрола над автобусот, ја пробил заштитната ограда помеѓу двата правци на автопатот и пред да дојде до втората, односно да излета почнал да кочи. Вештачењето на неговиот телефон покажало оти тој не го користел мобилниот за време на несреќата, а здравствената состојба му била во ред, односно дијабетот од кој боледувал не влијаел на несреќата.

Сите шестмина утринава  се приведени во полициска станица и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка од кого обвинителството ќе бара притвор за сите.
Никој од нив не е испитан, единствено возачот, но тоа, како што објасни Рајчев, било во текот на предистрагата кога тој не беше осомничен.
Во случајот опфатено е уште едно лице, но за него законски не се предвидува отворање истрага бидејќи се сомничи за делото несовесно работење во службата.
Станува збор за вработен во трета фирма, кој издал потврда дека тахографот е исправен.

Во текот на предистражната постапка биле испрашани 47 лица, било извршено вештачење од Машинскиот факултет за функционирање на системот на автобусот и од Електротехничкиот факултет за уредот што ја покажува брзината.
Несреќата се случи на 13 февруари кога автобусот на “Дурмо турсЌ, со 51 патник излета од патот Тетово-Скопје и паднал во провалија при што загинаа петнаесет луѓе, а дел од повредените се уште се наоѓаат на скопските клиники.