Норвешки проценки за војната:Русија загубила 180.000 војници, Украина 100.000

810

Од почетокот на инвазијата на Украина, руските сили претрпеле загуби од 180.000 убиени и ранети неборци, а Украина околу 100.000, без околу 30.000 убиени украински цивили, според проценката на норвешката армија.

Ова го изјави началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили Еирик Кристоферсен во интервју за мрежата ТВ2, без да ги наведе изворите на податоците, пренесува France24, потсетувајќи дека Норвешка се граничи со Русија и е членка на НАТО од основањето на тој воен сојуз во 1949 г.

„Украинските загуби се веројатно повеќе од 100.000 мртви и ранети. Покрај тоа, Украина има околу 30.000 загинати цивили во таа страшна војна“, рече норвешкиот генерал.

Агенцијата Франс прес (Франс прес) наведува дека Русија и Украина „со месеци не објавуваат веродостојни податоци за нивните загуби“.

Француската агенција потсетува дека началникот на Здружениот штаб на армијата на САД, Марк Мајли, изјавил дека руската армија има над 100.000 мртви и ранети, а дека украинската страна „најверојатно“ е во слична ситуација.

Тие бројки не можат да се потврдат од независни извори, забележува АФП.

Истовремено, порталот Интерфакс Украина, според податоците кои секојдневно се ажурираат, наведува дека руските загуби за 333 дена од почетокот на инвазијата се 120.760 војници и околу 9.500 тенкови и борбени возила.