Норвешка: Распишана е потерница по осомничен во случајот со дистрибуција на пејџери кои експлодираа во Либан

71

Норвешка издаде меѓународна потерница за човек поврзан со бугарска компанија, осомничен дека е вмешан во дистрибуција на електронски уреди на милитантната група Хезболах.

Уредите експлодираа минатата недела, при што загинаа десетици луѓе во Либан.

Оваа истрага се одвива во неколку земји и се обидува да утврди како експлодирале илјадници пејџери и воки-токи во Либан.

Хезболах и либанската влада го обвинија Израел за координираните напади, во кои загинаа најмалку 39 луѓе, а беа ранети повеќе од 3.000, вклучително и цивили.

Израел не ги коментираше овие наводи.

„Денеска издадовме меѓународна потерница во име на полицијата во Осло“, изјави Осте Дејл Сундет, портпаролка на Норвешката Национална служба за криминалистичка истрага.

Таа одби да го именува осомничениот или да ја наведе неговата националност.

Познато е само дека работел за норвешка компанија.

Норвешката новинска агенција NTB објави дека 39-годишниот маж отпатувал за САД минатата недела, но исчезнал откако пристигнал таму.

„Не се слушнавме со него од минатата среда и не знаеме каде е. Ова не загрижува“, изјави извршниот директор на Групацијата ДН, Амунд Џуве, за кого работеше осомничениот.

Осомничениот има норвешки пасош и живее во Норвешка 12 години, но е роден во друга земја, објави НТБ и го опиша како еден од основачите на бугарска компанија, наводно поврзана со снабдувањето со пејџери на Хезболах.