Едно по едно, постара жена ги става празните шишиња во дупката од машината на влезот на супермаркет во Осло. Благодарение на усовршениот систем за собирање и селекција на отпадот, Норвешка ги рециклира речиси сите пластични шишиња.

„Во секој случај морате да се ослободите од нив, па најдобро е тоа да го направите на интелигентен начин, вели седумдесетгодишната Норвежанка, додека машината и ја исфрла признаницата со бар-код со вредност од три евра, кои може да ги потроши во супермаркетот или да ги претвори во пари на касата.

Со стапка на рециклирање од 97 отсто, Норвешка е десет години пред целите што ги постави Европската Унија, односно до 2029 година, земјите мора да рециклираат најмалку 90 отсто од нивните пластични шишиња. Во Франција и Велика Британија на пример процентот на рециклирање изнесува 60 отсто.

За норвешкиот успех клучен е системот на селекција. Купувачите плаќаат дополнителни неколку центи, кога купуваат во пластични шишиња. Тој износ им се враќа кога ќе го вратат празното шише.

„На потрошувачите им порачуваме да го купат производот, но да го позајмат пакувањето – објаснува Кјел Олав Малдум, шеф на „Инфинитум“, компанија која го управува системот за собирање на пластични шишиња.

Концептот за враќање на празните шишиња толку се рашири, што за тоа постои и глагол на норвешки јазик: „pante“.

Како дополнителен бонус, машините им даваат на потрошувачите избор: дали повратот сакаат да го искористат за да купат билет за лотарија или да го искористат во добротворни цели.

Повеќе од 1,1 милијарда пластични шишиња и лименки од алуминиум биле вратени во 2018 година на места за собирање во супермаркетите, бензинските пумпи и малите продавници.

Во главниот центар за преработка на „Инфинитум“, во Фетсунд, на 30-тина километри североисточно од Осло, собраните пластичните шишиња се сортираат, собираат и се поставуваат на палетите што личат на огромни рубикови коцки, а потоа се подготвуваат за „втор живот“ по рециклирањето.

Секое ново пластично шише содржи околу 10 отсто рециклиран материјал, ниво кое земјата се надева дека ќе го зголеми со регресивен данок што ќе ги охрабри производителите да користат рециклирана пластика наместо нова пластика, која во моментов е поевтина.

Со овој пример на кружна економија, она што некои го сметаат за отпад, станува ресурс.

Идејата почнала да функционира и на други места.

„Еден пример е Литванија, каде што имале стапка на поврат од 34 отсто пред воведувањето на системот на селекција и собирање, а две години подоцна евидентирани се 92 отсто“, вели Малдун.

Иако норвешката индустрија за рециклирање признава дека планетата треба да му стави крај на овој проблем, сепак експертите велат дека пластиката, која е лесен, практичен и евтин материјал, сè уште има иднина што ветува.

„Не е проблем во пластиката, туку во луѓето и нивното однесување. Пластиката е фантастична, но не во природата“, вели Олаф Малдум.