Нож до коска за СЈО

139

Следниве неколку дена се крајниот рок што си го дадоа власта и опозицијата за да ги приближат ставовите за иднината на СЈО, но поместување од партиските ровови засега нема. Нема ниту најава за нова средба, и по скоро три месеци интензивни преговори, клучните разлики остануваат.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на смена на специјалната обвинителка Катица Јанева, но и прекин на сите предмети и истраги започнати по истекот на 18 месечниот мандат за работењето на СЈО. Ваквите ставови за власта се целосно неприфатливи, значат скриена амнестија и се против правната држава и интересите на граѓаните.

Собраниски извори за весникот ВЕЧЕР шпекулираат дека токму за ова прашање, владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се на иста линија и оти во прашање е коалиција меѓу двете партии во врска со иднината на Специјалното Јавно обвинителство.

Министерката за правда, Рената Дескоска, деновиве во интервју за Алсат рече дека со или без ВМРО-ДПМНЕ, предлог законот за јавното обвинителство ќе биде донесен.

Околу барањето за укинување на обвиненијата на СЈО, Дескоска додаде дека тоа ќе ги пречекори црвените линии и Законот нема да има никаква тежина, а се осврна и на осумтемина независни пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, Десковска рече дека преговорите се интензивни, но оти ѓаволот е во деталите.

„Она што не може да биде прифатено во ни еден случај од министерството за правда е внесување на одредби што ќе значат скриена амнестија за одредени сторители на кривични дела. Ѓаволот е во деталите. Кога ќе треба да го регулирате тоа што искрено или отворено е кажано јавноста, правно да го формулирате, гледате дали постојат замки или не во одредени ставови.“ – изјави неодамна министерката за правда.

Собранискиот спикер Талат Џафери вели дека нема конкретни информации околу тоа дали е усогласен текстот на предлог законот. Кога официјално ќе го добиел, целата постапка ќе течела според законската процедура, вели тој. Со оглед на тајмингот за извештајот, очигледно е дека таа ќе треба или ќе мора да биде експресна.

Според роковите што ги кажа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, партиите треба да се договорат за СЈО е пред извештајот Европската комисија на 29 мај, а последната шанса би бил пред одлуката на Советот на ЕУ.