Нов снежен бран: Србија завеана, ќе напаѓа снег до половина метар

83

Во поголемиот дел на Србија паѓа снег, температурите се околу нула, а поради обилните снежни врнежи сообраќајот во четвртокот беше на раб на колапс. Хидрометеоролошкиот завод на Србија издаде соопштение дека снежните врнежи со различен интензитет ќе продолжат до сабота претпладне.

Откако во четвртокот повеќето градови осамнаа под снежна покривка од десетина сантиметри, до сабота се очекува да наврне снег од 20 до 40 сантиметри во населените места и над 50 сантиметри во планинските предели.

Според информациите од Автомото сојузот на Србија, има снег на коловозите иако постојано се чисти, но сите приоди до зимските туристички центри се проодни. Сепак, освен зимски гуми задолжителна е употребата на синџири.

Според информации од граничната полиција на Србија, нема подолги задржувања за патниците, додека товарните возила чекаат повеќе часови – од три, па до девет часа.

Снегот предизвика и сообраќаен хаос во Белград каде автобуските линии беа скратени. Освен тоа, поради снег на коловозот неколку автомобили се излизгале од патот. Сообраќајот на Ибарската магистрала е многу отежнат, а во близина на Лазаревац се превртел автобус што превезувал работници од рудниците Колубара. Во оваа несреќа се повредени три лица откако возачот загубил контрола врз возилото, а патот бил покриен со снег.