Нов скандал: Во Скопје повторно се шири бактеријата МРСА, заразени четири лица

579

По информацијата дека четири лица се заразени со бактеријата МРСА при вонредни контроли во една градинка во Чаир и во едно основно училиште во Бутел, владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера ја смирува јавноста и вели дека нема простор за паник, оти се спроведени контролни брисеви кај сите вработени.
Засега нема новоинфицирани со бактеријата МРСА, потврди и епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје. Тој на граѓаните исто така им порача да не кревааат паника, бидејќи не се работи за тешко смртоносно заболување, се работи само за инфекција.


– Инфекцијата на кожа може да создаде нејзино воспаление и да се појават таканаречени чирчиња кои потешко се лекуваат и бараат подолготраен третман. Опасно би било да се добие МРСА кај штотуку родени бебиња заради фактот дека имаат многу чувствителна кожа и ако имаат кожни промени може да дојде до тешко воспаление на кожата. Оваа бактерија ако ја има во грлото и носот во голема количина може да направи бронхит и воспаление на белите дробови кои тешко се лекуваат – појаснува Караџовски.
Потенцира дека бактеријата многу често ја има, а за да стане смртоносна треба да исполнети повеќе услови односно се регистрира кај лица со нарушен имунитет, кај лица кои имаат други тешки заболувања.
– Секое лице кое е инфицирано со оваа бактерија мора да се изолира од колективот, односно во здравствена институција, во болничка соба каде не може да дојде во контакт со други лица. Лекувањето трае најмалку седум до десет дена и не смее да се прекинува. Оној момент кога ќе добиеме негативна култура односно кога во брисот од нос и грло нема да најдеме присуство на оваа бактерија лицето може да продолжи со својата работа-вели Караџовски и дополни дека станува збор за бактерија која прави контаминација на својата околина, која тешко се искоренува, заради тоа што не реагира на најголем број антибиотици, но има антибиотици од групата ванкомицин кои се даваат во редовна употреба за нејзино лекување.
Тој рече дека во носот, ждрелото и на рацете и при секое кивање, кашлање, зборување, чепкање нос и триење со рацете на површината, ја има бактеријата стафилокок.
– Ако се открие бактеријата во болнички установи се прави механичко чистење, дезинфекција и стерилизација – дополни Караџовски и додаде дека при испитување на секоја култура, секој брис, потребно се 48 часа.
Инаку во училиштето во Бутел единствениот случај на МРСА е регистриран на 22 февруари, а како што велат од Инспекторатот сите останати брисеви од ова училиште биле негативни, додека во градинката “Снежана# во Чаир оваа бактерија била утврдена кај три деца на возраст меѓу пет и шест години. Биле земени превентивно брисеви од 36 деца, две воспитувачки и една хигиеничарка и сите се покажале негативни. Децата заразени со оваа бактерија се на домашно лекување.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) потврдија дека од бактеријата МРСА има четворица заразени. Што се однесува пак за пишувањата на социјалните мрежи дека има пријавени заразени бебиња родени Чаир кои што се носители на бактеријата, од Инспекторатот негираат И велат дека нема заразени бебиња.
-Инспекторатот во градинката на четврти март направи вонреден инспекциски надзор по телефонска пријава дека едно дете има позитивен наод во брис од нос на бактеријата МРСА. Земени се 37 брисеви од нос во групата каде што било згрижено детето, на сите присутни деца во групата и на персоналот. Од земените материјали пет се позитивни. Од нив три на Стапхѕлоцоццус ауреус – метицилин резистентен (МРСА), а два на Стапхѕлоцоццус ауреус. Уште еден случај на дете заразено од бактеријата МРСА Инспекторатот регистрираше со вонреден инспекциски надзор во основното училиште “Панајот Гиновски “ во Бутел на шести март кај дете од второ одделение кое не посетува настава од 22 февруари. Одделенскиот наставник ги известил инспекторите дека детето што не посетува настава е носител на МРСА, за што приложиле и наод. Земени се брисеви од 21 ученик од одделението и од двајцата наставници- вели Иринка Сотирова – Бухова, директорка на ДСЗИ.

Минатиот месец бактеријата МРСА беше пронајдена кај еден од вработените на Универзитетски стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ – Скопје, по што беше извршена детална дезинфекција. Заразеното лице беше упатено на боледување.

(В.Ма.)