Нов закон во најава: ИПАРД-консултантите ќе треба да се лиценцираат и да формираат комора

44

Платежната агенција ќе става ред во делот на ИПАРД. Планира донесување нов закон, според кој, консултантите од оваа бранша ќе мора да се лиценцираат, но и да формираат комора.

Како што вели директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, за МИА, целта на оваа новина е земјоделците и стопанствата да добиваат квалитетни услуги и да се подобри квалитетот на ИПАРД-апликациите.

Со лиценцирањето ќе бидат опфатени сите консултанти, вклучувајќи ги и оние што речиси две децинии работат во оваа сфера, а лиценците ќе ги издава комората.

Според Бабовски, новата правна рамка или законот за советодавни услуги веќе се изготвува и се очекува да биде донесен годинава.

-Ќе треба да се воведе ред, бидејќи не може секој да работи сè и сешто. Формирањето комора на лиценцирани консултанти е еден од начините за поефикасно искористување на ИПАРД-средствата. Всушност, добро е да се формира комора како во сите бранши. Тоа ќе овозможи апликантите да добиваат квалитетни услуги, пред сè од консултантни кои ќе бидат лиценцирани. Значи, целта е да се подобри квалитетот на апликациите. Притоа, и оние што можеби 20 години работеле на ИПАРД, ќе мора да се лиценцираат за да се вклучат во процесот на изготвување уште поквалитетни апликации, истакнува Бабовски за МИА.