„Почнува третата недела од снимањето на филмот ‘Скејтањето не е за девојчиња’ и имаме уште четири недели до крајот. Тука се снима училиштето каде што главниот лик учи. Ова е всушност филм за три генерации жени кои постојано се справуваат со тешкотиите помеѓу традиционалното и модерното општество. Филмот ми е посебно драг и посебно ми е драго и што дејствието е сместено во Шуто Оризари каде се одвива дел од снимањето. Исто така, нашите главни хероини се од Шуто Оризари“, посочи режисерката Дина Дума на денешното снимање кое се случуваше во Драчево
Дел од долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, а во продукција на „Систерс и брадер Митевски“ вчера се снимаше во СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево. Ова остварување чие снимањето всушност почна на 2 април 2024 година, е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, од каде што доаѓа и креативна и техничка екипа.
„Почнува третата недела од снимањето на филмот ‘Скејтањето не е за девојчиња’ и имаме уште четири недели до крајот. Тука се снима училиштето каде што главниот лик учи. Ова е всушност филм за три генерации жени кои постојано се справуваат со тешкотиите помеѓу традиционалното и модерното општество. Филмот ми е посебно драг и посебно ми е драго и што дејствието е сместено во Шуто Оризари каде што се одвива дел од снимањето. Исто така, нашите главни хероини се од Шуто Оризари. Македонската јавност не ги знае, тие се натуршчици и многу ми е драго што наскоро публиката ќе има можност да ги дознае и да го открие нивниот талент“, посочи режисерката Дина Дума на денешното снимање на филмот.
Инаку, локациите на снимање се на територијата на Скопје. Главните улоги ги толкуваат актери од ромската популација: Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Покрај нив има и поискусни актери. Сценариото е на Дина Дума, коавтори се Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф – Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка – Мојца Горогранц-Петрушевска, а кастинг директор Киријана А. Николоска.
Од продукцијата „Систерс и брадер Митевски“ посочуваат дека низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата.
„Имаме интернационална екипа од четири земји, што ни е особено драго и целото снимање се одвива во Македонија, а монтажта потоа се случува во Брисел, Белгија. Дел од постпродукцијата, освен во Белгија, се случува и во Хрватска и во Словенија. Поддршката ја добивме минатата година. Овој филм беше развиван во ателјето во Кан, што е навистина голем исклучок бидејќи таму два пати годишно избираат по шест режисери. Дина беше три месеци во Кан каде што го пишуваше првиот драфт од сценариото. Потоа бевме и на Сине линк, а добивме и две награди во развој. Потоа аплициравме и во Агенцијата за филм и навистина за шест месеци го склопивме буџетот. Каде и да аплицираме реагираа многу ентузијастички“, посочи продуцентката на филмот Лабина Митевска.
Таа додаде дека Македонија повторно има интересни приказни да раскаже за кои светот е заинтересиран. Митевска истакна и дека средствата прво ги добиле од Агенцијата за филм на Македонија – 391 илјада евра, а потоа од сите останати фондови вклучувајќи го и Еуроимаж. Според неа буџетот нa филмот е околу 1,56 милиони евра.
Успешна работа на филмот вчера посака и Владимир Ангелов, директор на Агенцијата за филм, кој и посака на екипата на снимањето до крај да помине без проблеми.
„Ова е позитивен пример како треба брзо и ефикасно да се затвори финансиската конструкција за еден проект и посакувам да имаме успешен филмски производ“, додаде вчера Ангелов. (Д.Т.)
Фото: П.Стојановски