Во текот на претстојната ноќ, поради продор на многу постуден воздух од Арктикот, во Алскиот регион очекуваме дури и врнежи од снег, додека во исто време токму поради овој студен продор, и истиот кога ќе пристигне во многу загреаната и затоплената атмосфера на Балканот, ќе дојде до ново суперќелиско невреме и тоа од ова најмногу стравуваат Словенија, Хрватска, северните и североисточните предели од Босна и Херцеговина, како и соседна Србија, вели метеопрогнозерот Славчо Попоски во најновата прогноза.

На многу места се очекуваат интензивни поројни врнежи, силен ветер кој се очекува да направи и многу штети, силни и чести електрични празнења, како и појава на крупен град со големина од над 5 сантиметри.

Температурите ширум регионот со ова ново застрашувачко невреме ќе опаднат дури и за 20 степени во споредба со сегашните.

Кај нас во Македонија пак се очекува да дува засилен ветер од западен и од југозападен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час). Денеска доцна попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон четврток ќе има услови за изолирана нестабилност, а во четврток ќе дува засилен северен ветер, температурите ќе опаднат дури за 10, понекаде и за повеќе од 10 степени.

Во четврток во западните предели ќе има и појава на локален дожд, што значи дека за голема среќа големото невреме од регионот нема да стигне до Македонија, но многу ќе освежи.

Попоски напоменува дека од четврток ќе имаме потпросечни температури на воздухот, односно тие ќе бидат пониски од вообичаените за овој период од годината. По се изгледа со овој студен бран, завршуваме со ваквите екстремно високи температури на воздухот за ова лето. Исто така од четврток во утринските часови температури понекаде ќе се спуштаат дури и под 10 степени.

Додека регионот се бори со невремиња: Метеорологот Попоски со изненадувачка прогноза за Македонија