Диди се соочува со ново обвинение: Ја држел жртвата на работ од балкон на 17 кат и ѝ се заканувал дека ќе ја убие

17

Раперот Шон Комбс, попознат како Диди, е во притвор од септември оваа година под обвинение за трговија со луѓе и изнуда и транспорт на лица заради проституција.

Тој сега се соочува со ново обвинение поднесено на 27 ноември од модната дизајнерка Брајана Бана Бонголан.

Според „Пипл“, таа поднела тужба од 17 страници во Врховниот суд во Лос Анџелес, во која го обвинува Комбс дека во наплив на бес, ја истуркал и држел до работ на балкон на 17 кат, заканувајќи и се дека ќе ја убие, а потоа интервенирала неговата тогашна девојка Кеси Вентура, која ја спасила.

„Единствената причина поради која некој држи лице на работ од таков балкон е ако навистина сака да го убие или намерно да го тероризира и да одземе каква било контрола врз сопствената телесна автономија и безбедност“, се наведува меѓу другото во тужбата, пренесува Нова.рс.

Дизајнерката бара отштета, наводно поголема од 10 милиони долари.

Како што тврди таа, инцидентот наводно се случил на 16 септември 2016 година за време на една од познатите забави на Диди.

„Тој ја крена преку балконот на 17-тиот кат од станот на г-ѓа Вентура, при што само стисокот на Комбс го спречуваше нејзиното тело да падне во смрт“. Препознавајќи ја опасноста од бројни сведоци на неговиот напад, Комбс ја повлече г-ѓа Бонголан назад. Но, тој не ја ослободи. Во последниот излив на насилство тој ја фрли г-ѓа Бонголан на мебелот на терасата на балконот“, се наведува во тужбата, пренесуваат споменатите медиуми.