Новогодишно интервју: Марјана Станојковска – Ги сакам празничните радости, Дедо Мраз, подароците и смеата ме прават да бидам вечно дете!

1769

Марјана е една од најубавите и најпопуларни македонски водителки. Така е веќе со години наназад. Каде и да се појави со својата нежна појава, со позитивните вибрации и со харизмата, со убавината, со комуникативноста апсолутно никого не остава рамнодушен. Особено не се рамнодушни играчите на среќа, па кога Марјана Станојковска ќе им донесе добивка изразена во поголем паричен износ, на среќата и нема крај. Водителството е дел од нејзиниот живот, а по што ќе ја памети оваа (веќе) стара 2023 година, и што очекува да ѝ донесе Новата 2024, Марјана открива во ова Новогодишно интервју за весникот ВЕЧЕР.

0 Уште една година е зад нас, а на почетокот сме на Новата. По што Марјана ќе ја памети 2023 година, не само за себе туку воопшто и на ниво на државата? Во изминатата година 2023 имавме силни кризи, висока инфлација, замрзнување-одмрзнување на цените, имавме многу штрајкови, протести, но ти самата имаше и убави моменти, го водеше и „Охрид-фест“, но и некои други фестивали, концерти… на многу пејачи, без разлика на тоа што не пеевме на Песна на Евровизија… Која македонска поп, рок или народна песна, според тебе, ја одбележа 2023  година, некоја што заслужува да биде вистински „Хит на годината“?

-2023 година ми започна стресно, но фала богу помина добро сè, и за тоа сум многу благодарна. Секогаш гледам да се фокусирам на убавите нешта, и да ги оставам во заборав оние не толку „сјајни” моменти. Не можам да кажам дека беше лоша годината ако гледам целосно. Сепак посакувам 2024 г. да биде многу подобра, за сите нас. Благодарна сум на работите кои ми се случија на професионален план. Се надевам дека така ќе биде и во иднина.  А, што се однесува до песната што ја одбележа 2023, тоа дефинитивно е „Бела” со Пајак и Лара. Затоа заслужено ја доби Наградата за најслушана песна за изминатава година. Тоа  го докажува и бројката од 26 милиони прегледи на you-tube каналот.

0 Новогодишното празнување и новогодишната еуфорија се во полн ек, дали и Ти, своите најсакани веќе ги израдува со некој подарок? Не мора да се скапи, важно дека се искрено од срце подарени.

Ги сакам тие претпразнични и празнични еуфории. Тоа ме прави да бидам вечно дете. Тогаш навистина, навистина се радувам! Додуша, повеќе се радувам на Божик, бидејќи секогаш го славам со семејството, а тоа се моменти кои се паметат… Новата година е време на дарување, а покрај децата и возрасните очекуваат да добијат некој подарок во знак на внимание и љубов. Сакам да ги развеселам моите блиски со некои практични подароци кои знам дека им се потребни во овој период. Најчесто станува збор за топла гардероба и секако тоа се и новогодишните украси за домот. Впрочем, ваквите празници носат многу смеа и радост, забава… Кога сте со драги луѓе, како што сум јас, тогаш среќата е уште поголема. Самиот воздухот некако празнично дише. Целото наше внимание е пренасочено во правецот на најлудата ноќ во годината. Оваа година според метео-прогнозите ќе биде необично топло, снегот нема да го видиме.  Но и ако е така, расположението ќе биде присутно. Јас не патувам никаде, останувам дома со своите најблиски во домашна атмосфера.  Сакам за празниците, за Нова година да сум дома. Декември ми е секогаш турбулентен во однос на настаните, водителски ангажмани, работата и затоа на крај за Нова година најубаво ми е дома. Мене семејството ми е основата на мојата среќа и стабилност.

0 Дали сè уште веруваш во приказните и подароците на Дедо Мраз,  кој  ги исполнува желбите и дали можеби за него имаш некоја интересна порака?

Уште како малечка верував во приказните за Дедо Мраз. Цела година со нетрпение го чекав моментот кога ќе нè израдува со некој подарок. Она што го сакам за себе не може буквално да се најде под елката, бидејќи не е нешто што може да се купи. Дедо Мраз е тој кој како никогаш да не спие, ниту се одмора. Верувам дека оваа година нема да ги изневери сите оние сонувачи кои веруваат во подобро утре, кои фантазираат за недостижни работи, дела, љубови. Од друга страна, јас сум суров реалист и знам дека без сопствен труд и посветеност нема да бидеме ништо подобри, но ќе ни биде многу полесно само ако сме здрави и среќни. Длабоко верувам дека следната 2024 година, во секој поглед и на секое поле, ќе биде подобра и поуспешна за сите нас овде во Македонија.

0 За крај, кои се твоите професионални планови за 2024 година, и што би сакала да ти се случи во приватниот живот во наредната година? И, секако, откриј ни со кого ќе бидеш во највеселата ноќ?  

-Како што реков, Новата година ќе ја прославам со моите најмили луѓе во домашна атмосфера. Со оглед на тоа, сигурно ќе бидам без шминка, а ќе се облечам практично во тоа во што ќе се чувствувам најпријатно, најкомотно. Па, нели, иако ќе бидам дома, за некој чочек ќе добијам инспирација да го одиграм. И како за себе така и на моите блиски, како и на вашите читатели, ќе посакам прво здравје, бидејќи тоа е најважно. Да сме сите на број и секој од нас да има свој свет со многу среќа, насмевки и емоции. Новата година да ни донесе можност да ги оствариме нашите соништа и да уживаме во секој миг од животот. Планови има многу , посебно со игрите на среќа и емисиите кои ги водам. И уште еднаш многу здравје и најискрено да ни е убаво сè во 2024 година. Секако и на сите верни читатели на весникот ВЕЧЕР!                                                   Дуле Миќиќ/фото: приватна архива