Новогодишната кошница потешка од есенската за 600 артикли 

55

Министерот за економија Бесар Дурмиши најави дека на крај на следната недела ќе биде објавена новогодишната кошничка со која ќе бидат опфатени околу 600 производи. Тој сè уште не ја открива содржината на новогодишната кошница, но вели дека интензивно преговараат со трговците, производителите, добавувачите, коморите и Организацијата на потрошувачите. Ова за весникот ВЕЧЕР претходно го потврдија производителите кои рекоа дека првпат заедно со трговците и со Владата седнале на маса за да се договорат околу тоа кои производи би се нашле во новогодишната кошница. И покрај тоа што претходно беа против носење на вакви мерки, поради енормното зголемување на цената на струјата на берзите, последниве денови цените на струјата се стабилизираа и новогодишна кошница ќе има.

– Цело време сме во контакт со стопанските комори, синдикалците, трговците и производителите. Идната недела ќе бидете известени. При крај е со подготовката за новогодишната кошничка, предвидени се над 600 производи кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, но повеќе детали ќе ви дадеме идната недела оти предвидено е некаде во четврток или петок да ја објавиме кошничката, рече Дурмиши и додаде дека и новогодишната кошница, како и есенската ќе трае еден месец.

Ова за весникот ВЕЧЕР претходно го потврдија производителите кои рекоа дека за првпат заедно со трговците и со Владата седнале на маса за да се договорат околу тоа кои производи би се нашле во новогодишната кошница.

-И покрај тоа што од октомври навака цената на струјата на берзите се зголеми од 300 до 400 отсто, а со тоа и трошоците на компаниите, сепак новогодишна кошница ќе има. Позитивен сигнал е што во последните десет дена цената на струјата малку се намали. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи за да може и ние производителите да имаме економска оправданост, во спротивно не би било во ред да се носи ваква мерка кога трошоците енормно растат, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружение на пекарска индустрија.

Според него, позитивно е што оваа мерка се носи заедно со трговците и Владата, добавувачите, коморите…

-Првпат седнавме на маса заедно со трговците и Владата. Кога се разговара така секогаш се наоѓа решение. Во спротивно, ако се одлучува еднострано тогаш одлуката е на штета на другата страна, појаснува Малишиќ.

Од ССМ повторија дека разговараат со Министерството за економија и труд во однос на креирањето на идните мерки, но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето кон ваквите нефер трговски практики и да ги казнува.

Претходно, беше донесена есенска потрошувачка кошничка која траеше до 31 октомври. Со неа беа опфатени околу 70 производи на кои им беа ограничени профитните маржи на 10 отсто. Но, граѓаните и дел од економски аналитичари оценија дека не ги даде очекувани ефекти.

(А.С.)