Во Македонија за една недела пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, а бројката беше слична и претходната недела, Од стартот на епидемијата до 25 јули во Македонија регистрирани се вкупно 956 случаи на голема кашлица, а од 18 јануари до 25 јули вакцинирани се 61.024 лица, од кои што најмногу примиле прва доза вакцина за заштита од голема кашлица.
Епидемијата со голема кашлица никако не стивнува. Во Македонија за една недела пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, а бројката беше слична и претходната недела. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје најголем дел од случаите се пријавени во Скопје -11, а пријавени се и 6 случаи од Куманово, 4 случаи од Тетово, 2 случаи од Битола и по еден случај од Велес и Кичево. Во овој период од годината возраста на заболените се движи од 2 месеци до 27 години, а најголем број на случаи се до четири години.
-Во однос на вакциналниот статус на заболените, 16 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и три се вакцинирани согласно возраст. Од новите случаи пет лица се хоспитализирани-информираат од ИЈЗ.
Од стартот на епидемијата до 25 јули во Македонија регистрирани се вкупно 956 случаи на голема кашлица, а тоа е со инциденца од 52 на 100 000 жители.
-Најголем број лица околу 75 отсто, што се заразиле со пертусил изминативе месеци живеат во Скопје и тоа во 17 општини. Во рамките на епидемијата во Куманово се пријавени 67 заболени лица (7,0%), а во Тетово, пријавени се 50 заболени лица (5,2%). Останатите случаи на заразени со голема кашлица се во останатите 20 градови низ државата- анализира Институтот и дополнува дека досега најмладиот заразен со овој вирус е само еден месец, а најстариот 82 годишна возраст.
Од вкупниот број на заболени лица (956), кај 949 лица се регистрирани симптоми, додека болеста кај 7 лица е во асимптоматска форма.
-Епидемиската крива укажува дека симптомите кај првиот случај пријавен во скопската епидемија се регистрирани во 50-та недела од 2023 година. Согласно податоците од епидемиолошките анкети во однос на датумот на почеток на симптоми кај заболените лица, од првата недела во 2024 година се забележува континуиран пораст на бројот на случаи на неделно ниво, до 11-та недела. Од 12-17-та недела, бројот на случаи со регистрирани симптоми се намалува. Од 18-28-ма недела, бројот на новозаболени лица со регистрирани симптоми е константен со повремени флуктуации- објаснуваат од ИЈЗ.
Најголемиот дел, 595 лица или околу 62% од заболените не се вакцинирани, или се некомплетно вакцинирани согласно. Комплетно вакцинирани се 361 лице.
-Од заболените, хоспитализирани се 136 лица (14,2%) и тоа 116 (85,3%) од нив на возраст до 4 години. Затоа и најголем број од случаите се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број на хоспитализирани лица, 132 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по 9 дена-посочуваат од Институтот.
Епидемиолошките истражувања покажуваат поврзаност на 151 случај. Спроведени активности за вакцинација со вакцина која содржи компонента на голема кашлица на територија на Скопје и Републиката Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.
-Од пронајдените 22.195 деца пропуштени за вакцинација, 15.360 се имунизирани. Од вакцинираните, најголем број примиле I-ва ревакцина , односно 6.744 лица, што е 43,9%. Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 16.158 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (10.802; 66,9%) од вакцинираните деца примиле I, II и III доза на примовакцинација-велат анализите на ИЈЗ.
Досега во Македонија од 18 јануари до 25 јули вакцинирани се 61.024 лица, од кои што најмногу примиле прва доза вакцина за заштита од голема кашлица. (В.Ма.)
.