Деновиве „Македоника литера“ од Скопје објави антологиската едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“ која содржи десет книги. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади. “Комплетната едиција на кинески јазик содржи 30 тома, па се надеваме дека во наредниот период целосно ќе ја преведеме и ќе ја објавиме на македонски јазик„, ќе посочи Нове Цветаноски
“Едицијата ‘Најдобрата кинеска литература за деца’ е значаен проект не само за „Македоника литера“ како издавач, туку и за македонските читатели. За младите читатели е важна едиција затоа што добиваат нешто ново, невообичаено и извонредно квалитетно. Тие книги ги содржат најдобрите дела на најдобрите кинеските писатели, дела кои имаат и забележливи специфичности – од аспект на темите и на пристапот на раскажување, кои од една страна се современи, но од друга страна ги одразуваат и погледите на нештата и на светот во кои се втемелени и одразени кинеската традиција, филозофија, естетика и етика“, изјави за “Вечер„, Нове Цветаноски, сопственик и управител на издавачката куќа „Македоника литера“ која деновиве ги објави првите десет книги од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“.
Инаку, во оваа едиција можат да се најдат следниве наслови: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу. Последните две книги првенствено се наменети за тинејџери, а другите – за читатели на возраст од седум до 12 години. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади, односно најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори, а изборите содржат бајки, басни, раскази или новели.
“Оваа едиција, не само на младите, туку и на возрасните читатели, им нуди едно несекојдневно доживување и запознавање на една литература, иако голема, богата и со долга традиција, но за жал досега кај нас недоволно позната, односно недоволно објавувана#, ќе посочи Цветаноски, истакнувајќи дека кинеската литература е голема и богата, и има многу долга традиција, впрочем како и кинеската култура и цивилизација која е најдолгата жива цивилизација. “Во таа смисла, богата е и литературата за деца, со голема продукција на наслови и едиции, со многу популарни автори чии дела достигнуваат милионски тиражи. А во Кина се повеќе популарни авторите за деца од авторите за возрасни#, додава тој.
Според Цветаноски, едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ е резултат на партнерството на „Македоника литера“ со пекиншкиот издавач „Делфин букс“, со кого пред една година оформиле заедничка редакција за кинески книги во Македонија. “Комплетната едиција на кинески јазик содржи 30 тома, па се надеваме дека во наредниот период целосно ќе ја преведеме и ќе ја објавиме на македонски јазик#, ќе посочи македонскиот издавач кој вели дека премалку дела од кинеската литература досега се објавени на македонски јазик.
„’Македоника литера’ последниве десетина месеци објави дваесетина книги, што го сметаме за успешен издавачки потег, посебно ако се има предвид фактот дека толку книги на македонски јазик можеби не се објавени во последниве дваесетина години. Ние и претходно објавувавме дела од кинеската литература – односно класика (Конфучиј, Лао Це, Чуанг Це), но сега тоа го правиме поинтензивно, поосмислено и жанровски поразновидно, а благодарение на соработката што ја имаме со кинески издавачи и со членувањето во Здружението на издавачи 16+1, со седиште во Пекинг, во кое освен кинески членуваат и издавачи од Централна и Источна Европа. Се разбира, освен книги за деца, објавуваме и книги за возрасни читатели, односно од областа на кинеската мисла, филозофија, естетика, историја, но и уметничка литература. Соработуваме и со други кинески издавачи, односно имаме можност за соработка и за нови проекти со десетте најголеми кинески издавачи од здружението на издавачи 16+1, каде што е член и „Македоника литера“ како претставник од Македонија. А пак како резултат на соработката во тоа здружение, очекувам наскоро и некои македонски автори да бидат објавени во Кина и да бидат читани од многубројните кинески читатели…„, ќе дополни Цветаноски. (Н.И.Т.)