НОВИ АРХЕОЛОШКИ ОТКРИТИЈА НЕ ОЧЕКУВААТ ВО 2019:Се бараат плочи од изгубениот град во Ирак и шифра за папирусот на Куфу…

99

Дополнителни информации за огромната празнина во Големата пирамида во Гиза, голем број плочи од изгубениот град во Ирак и нови пештери во близина на Кумран, се само дел од можните откритија кои можат да се очекуваат во новата 2019 година. Археолозите и историчарите продолжуваат со истражувањата кои се започнати во изминатите години, а кои треба да донесат интересни сознанија за минатото…

 

Археолозите и историчарите во изминатите години започнаа голем број истражувања кои со употреба на модерната технологија доведоа до нови сознанија за историјата на човештвото. И оваа година можеме да очекуваме нови информации за веќе започнати проекти, но и нови откритија. Дополнителни сознанија за огромната празнина во Големата пирамида во Гиза, откривање на голем број плочи од изгубениот град во Ирак и нови пештери во близина на Кумран, се само дел од можните откритија кои ги очекуваме во текот на оваа година, а кои треба да донесат интересни сознанија за минатото…

Она на што посебно се обрнува внимание е добивање на нови информации за Големата празнина откриена над пространата галерија во Големата пирамида во Гиза, ходник што води до саркофагот на фараонот Куфу, долга над 30 метри. Иако овој простор бил откриен уште во 2017 нејасно е дали тој е затворен дел што се градел, скриена гробница или неколку помали простории. Празнината е откриена со помош на честички познати како миони кои се формираат кога космичките зраци доаѓаат во контакт со горната атмосфера на Земјата и можат да патуваат низ камен. Тестирањето е се уште во тек, па годинава може да се очекуваат резултатите.

Во 2017-та и во 2018 година беа откриени и многу ограбени пештери во близина на Кумран, местото каде што биле закопани свитоците од Мртвото Море. Овие свитоци се состојат од фрагменти од 900 текстови и биле откриени во 12 пештери. Голема е веројатноста дека уште некоја ваква пештера ќе биде откриена и оваа година. Овие истражувања се дел од проектот кој има за цел да открие и да истражува пештери во Јудејската Пустина.
Годинава се очекува да се појават 1.400 плочи од изгубениот град Ирисагриг во Ирак. Изминативе две децении на пазарот за антиквитети се појавувале многу плочи од овој град. Сепак, додека ограбувачите го знаат местото на градот, локацијата им е непозната на археолозите, па можеби новите плочи ќе им помогнат да го најдат.

 Изгубени Фаберже јајца
Во 2017 година е откриено постоењето на документ кој е доказ за пренесувањето на голема залиха уметнички дела и антиквитети од Советскиот Сојуз и Турција во Њу Орлеанс. Документите не кажуваат што точно се испорачало, но можно е овде да се наоѓаат познатите велигденски јајца за кои се сметало дека се изгубени или дека се во приватни колекции.

Инаку, помеѓу 1885 и 1916 година, компанијата Фаберже направила околу 50 ориентално украсени велигденски јајца за руското кралско семејство, а по Руската револуција во 1917 година, некои од овие јајца исчезнале…

Археолозите, пак, кои работеле на локалитетот Вади ал-Џарф покрај Црвеното Море во 2013 година откриле папирус кој датира пред околу 4.500 години, односно во периодот на владеењето на фараонот Куфу. Испитувањата покажале дека папирусот е бележник на инспектор по име Мерер, кој водел тим чија цел била помагање во конструкцијата на Големата пирамида и други градежни проекти низ Египет. Засега е дешифриран само дел од бележникот, а добиените информации укажуваат на древно пристаниште лоцирано во близина на Големата пирамида. Повеќе информации се очекуваат во оваа 2019 година.