Новите системи за влез во ЕУ ќе враќаат од граница и за неплатена сообраќајна казна во земја на Унијата

42

ЕЕС системот кој подразбира собирање биометриски податоци е одложен на неодредено време, а ЕТИАС кој подразбира издавање дозвола за патување во ЕУ од   седум евра треба да стартува во мај следната година. Експертите смируваат и велат дека оваа новина не е виза, а е наменета токму за оние на кои не им треба виза. Тие советуваат луѓето кои за следната година имаат уплатен аранжман за одмор во земја на ЕУ, дозволата за влез да си ја побараат уште во мај, а не пред самото тргнување, за да не бидат евентуално одбиени. ЕТИАС нема да даде дозвола за влез во ЕУ на лица со криминално досие, на оние кои имаат некои недоречености со ЕУ, како и на оние кои таму не платиле некоја казна

 

Новиот систем за влез/излез во Европската унија – ЕЕС е одложен на неодредено време, но тоа не значи дека е откажано неговото воведување, како и на таканаречениот ЕТИАС систем, кој би требало да се применува од мај наредната година.

ЕЕС системот ќе подразбира давање на биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија на лицето), додека ЕТИАС ќе подразбира издавање дозвола за патување во ЕУ која ќе чини седум евра.

И покрај одложувањето, граѓаните се загрижени што ќе се случи кога ќе почне да се применува, дали тогаш европските рампи за нив ќе бидат спуштени. Се плашат дека издавањето на ЕТИАС дозволата може да биде одбиено. Но, како што појаснуваат експертите, тоа може да им се случи главно на лицата кои имаат криминално досие, некои недоречености во земјите на ЕУ, или неплатени сообраќајни или други казни. Туристите особено се загрижени што ќе биде со нивните уплатени аранжмани, доколку добијат негативен одговор на барањето за влез во ЕУ непосредно пред почетокот на одморот.

Александар Сеничиќ, директор на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија, на патниците им советува со пријавите да почнат навреме, да не го чекаат последниот момент пред одмор за да ја извадат потребната дозвола во рамки на ЕТИАС системот.

-Сите оние кои планираат патување во ЕУ веќе од мај наредната година треба да почнат со процесот на пријавување и да не го чекаат јули и периодот пред самото одење на море за да се пријават, вели тој за Б 92 и појаснува дека на тој начин,  доколку не им се дозволи влез, ќе можат да го испочитуваат законскиот рок во кој агенцијата треба да им ги врати сите пари за уплатениот аранжман.

Многумина, пак, новиот систем на ЕУ  го доживуваат како враќање на визите, но според експертите, тоа нема да биде ниту слично, зашто во прашање е систем кој веќе постои во некои земји, каде се применува ефикасно и без тешкотии. За медиумите Сеничиќ  објаснува дека за ЕТИАС се зборува од 2021 година, кога почна да се работи на тој систем. Тоа не е виза, појаснува тој и прецизира дека е наменето токму за оние на кои не им е потребна виза за ЕУ. Слична е ситуацијата во САД каде постои таков систем, само ние тоа не го знаеме затоа што за Америка ни треба виза. Всушност, тоа не е ништо ново, вели експертот на ТВ Прва и додава дека новиот систем ќе се воведе пред се за подобра контрола на патниците и безбедноста.

-Новиот систем е еден вид контрола и морам да кажам дека последниве денови многу се зборува за тоа дека во последниве една или две години е утврден влез во ЕУ на неколку илјади луѓе со фалсификувани пасоши, рече тој.

Со новиот систем за влез и излез ќе се модернизира управувањето со надворешните граници, но и идентификувањето на лицата кои останале предолго, зашто ќе дава точни податоци. Исто така, системот ЕЕС ефикасно ќе се бори против измамите со идентитет преку собирање биометриски податоци, односно отпечатоци од прсти и фотографии. Безбедноста во рамките на ЕУ ќе биде зајакната благодарение на подобрените гранични контроли, користењето на електронски евиденции и биометриски податоци, што и го подразбираат системите ЕЕС и ЕТИАС.

Како што е познато, ЕЕС системот требаше да почне од 10 наредниот месец, но се одложи поради неподготвеност на некои земји, како и поради недоумиците во врска со неговото функционирање. Овој систем веројатно ќе биде воведуван постепено, а не одеднаш на сите гранични премини, а кога ќе се случи тоа, не е најавено. Стартот на ЕТИАС системот е најавен за мај наредната година.