Ширењето на новите и позаразни видови на коронавирусот на САД и се закануваат со почеток на четвртиот бран од пандемијата, предупредуваат водечките здравствени експерти.

Шефот на Американскиот центар за контрола и превенција на заразните болести (ЦДЦ), др. Рошел Валенски изразува загриженост од новите дневни 70.000 случаи на новозаразени, како што беше забележано минатата недела. Истовремено, во САД има и по речиси 2.000 смртни случаи дневно, пишува Би-Би-Си.

-Со ова темпо, со ширењето на новите мутации, можеме да ја изгубиме сегашната позиција за која силно се боревме. Овие мутации се вистинска закана за нашиот народ и нашиот напредок, рече Валенски.

Британската мутација може да стане доминантна

Во оптек има неколку видови, но експертите се особено загрижени за оние од Велика Британија, Јужна Африка и Бразил.

ЦДЦ предвидува дека британскиот вид Б.1.1.7, токму овој месец ќе стане доминантен во САД.

Д-р Валенски вели дека е „многу загрижена“ за укинувањето на мерките во САД.

-Имаме шанса да го запреме потенцијалниот четврти бран во земјата. Ве молам, не се откажувајте од тоа, рече таа.

Во САД досега се регистрирани вкупно повеќе од 28 милиони инфекции, а половина милион лица веќе ги загубија животите од коронавирусот, наведе СЗО.

Колку се опасни новите мутации во САД?

Дневниот број на нови инфекции и смртни случаи во јануари драстично опадна, откако почна масовното вакцинирање против Ковид-19. Но, велат од ЦДЦ, се додека не се вакцинираат повеќето луѓе, постои можност бројот на новозаразени  повторно да се зголеми заради новите мутации. Тоа дополнително би го загрозило и онака преоптоварениот американски здравствен систем.

Во земјата се регистрирани повеќе од 2.463 инфекции со новите мутации, а најмалку 2.400 од нив се со британската мутација, соопшти ЦДЦ.

Дали новите мутации се поотпорни на вакцината?

Вистинскиот број на лица заразени со новите мутации е веројатно значително поголем.

Нема докази дека новите мутации се поопасни или предизвикуваат потешка форма на болеста за огромното мнозинство од оние кои се заразуваат.

Научниците веруваат дека постојните вакцини се исто толку ефикасни против мутираниот вирус.