Новото меѓурегионално претпријатие „Еко исток-североисток“, кое ќе стопанисува со современата фабрика за отпад кај светиниколоското село Мечкуевци, директор ќе добие по локалните избори.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски потврдува дека оваа постапка ќе продолжи по изборите, кога новиот директор ќе се бира и од новите градоначалници од источниот и североисточниот регион.
Живка Михајлова, раководител на проектот за источниот регион вели дека во текот на овој месец две фирми треба да почнат со затворање на 70 депонии, а избрана е и грчка фирма која ќе го прави надзорот.
– За двата региони, источен и североисточен регион избрани се две фирми, двајца изведувачи за проектот за затворање на постојните несоодветни комунални депонии. За источниот регион е избрана турска фирма, а за североисточниот регион е фирмата „Страбаг“ – вели Михајлова.
Оваа операција треба да заврши во рок од 24 месеци, а за неа се издвоени 10 милиони евра. Во текот на изминатите месеци 18-те општини од источниот и североисточниот регион добија над 50 камиони и над 4.000 специјализирани контејнери.
Проектот почна да се реализира пред 12 години, со помош и финансиска поддршка од Европската Унија. Изградбата на современата фабрика за отпад се очекува да се изгради до 2023 година, а целиот проект чини 46 милиони евра.