Бирото за развој на образованието неодамна го објави списокот за лектири за основно образование за учебната 2019/2020, со што наставниците и учениците од второ до деветто одделение веќе од наредната учебна година ќе треба да работат според новата листа на задолжителни и изборни лектирни изданија.
Во него, додадени се неколку нови македонски и светски автори, некои од делата на веќе постојните автори се сменети со други нивни наслови, дел од насловите, пак, се поместени, од изборни во задолжителни или обратно, иили од едно во друго одделение, па се поставува прашањето дали новиот список е само шминка или има вистинска суштинска промена.
Меѓу новите наслови се и “Кифличката Мирна“ од Оливера Ќорвезироска, “Мувата и кочијата“, избор басни од повеќе автори…
Зголемена застапеност на македонски автори
“На прво гледање на новиот список на лектири за основно образование, можам да кажам дека видилива е зголемена застапеност на македонски автори, што е добро, но не сите предлози кои беа дадени како предлог од ДПМ се вметнати во новата листа. Забележувам дека Кочо Рацин повторно е ставен како изборна лектира, што е недозволиво. Автор како Рацин, барем со неколку песни треба да биде вметнат во наставната програма, а кога веќе станува збор за лектирите, тој треба да биде задолжителна, а не изборна лектира“, ни изјави Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писателите на Македонија, која посочи и дека во листата на Бирото за образование има и грешки во дел од имињата на авторите и насловите на делата.
Воедно, Стојменска-Елзесер, истакна дека таа смета дека лектирата треба да се чита со афинитет, и да претставува поттик за разговор со детето, да се слушнат различните и алтренативни гледишта за книгата од страна на децата/учениците, а не да се обработува единствено согласно официјалното толкување.
Во насока на ова, таа ја спомена и книгата “Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери (лектира за 9 одделение), за која посочи дека е добар пример за развивање на фантазијата кај децата. “И покрај тоа што многу родители имаат резерва дека станува збор за тешко разбирлив текст, сметам дека ‘Малиот принц’ е интересен во процесот на учење, на толкување на повеќеслојни текстови, што е основна умешност на читањето како процес. Впрочем, има толку многу филмови и театарски претстави кои можат да бидат помош во пристапот кон оваа книга“, додаде Стојменска-Елзесер.
За Мишел Павловски, професор на Институтот за македонска книжевност и Секретар на ДПМ, за изборот на лектири важни се принципите.
“Кога станува збор за избор на лектири за основно и средно образование, важни се принципите по кои книгите се квалификуваат да бидат лектирни изданија. Покрај литературниот, естетскиот принцип, неминовно е при изборот да биде земен предвид и педагошкиот. Да се види колку и дали лектирите и после обработката во наставната програма ќе можат да се користат и понатаму како наставно средство, а не да останат заборавени. Многу е важно освен литературни критичари, педагози, при изборот да бидат консултирани и наставниците од основното и средното образование, односно, луѓето кои работат во практиката“, истакна Павловски.
Децата се најрелевантна критика
Како што посочи професорката на Институтот за македонска книжевност, Лорета Георгиевска-Јаковлева, за тоа кои книги требало да се најдат во списокот, се водел транспарентен процес, а речиси сите релевантни институции имале сугестии.
“Гледам дека најголемиот дел од тие сугестии си нашле место во конечниот список, што е добро. Но, секако можат да се изнесат и низа забелешки (од големиот обем на дел од книгите предвидени за обработка во второ-трето одделение, до тоа кои книги се задолжителни, а кои изборни). Ако ме прашате дали ова е идеалниот список, секако ќе речам дека не е. Но, и секој нареден нема да биде. Сметам дека за да се приближиме до идеалот, во моментов, недостасува главната карика – мислењето на самите деца“, вели Георгиевска-Јаковлева, која посочува дека доколку би била фактор што донесува одлуки што ќе читаат учениците, таа би спровела широка анкета токму меѓу нив.
– На крајот од годината, кога оваа програма еднаш ќе биде реализирана, би ги задолжила родителите, не наставниците, секое дете да одговори на анкета која ќе содржи прашања од типот: Која книга ти беше најинтересна, која најздодевна и зошто? Што читаше со задоволство, а што со мака? Која порака и од која книга ќе ја запаметиш? Има ли нешто што го прочита, а што особено те возбуди? Дали има некоја книга што толку не ти се допадна, што ти би ја исклучил од лектирите и сл.
„Ние како возрасни и експерти имаме одреден став, ама тој може да биде дури и контрапродуктивен ако не се земе предвид и ставот на најзасегнатите во процесот, самите ученици“, додаде Георгиевска-Јаковлева.
Инаку, иницијативата за ревидирање на лектирните дела беше покрената пред две години од ДПМ, а минатата година беше објавен јавен повик за ревидирање на списокот. Во изборот учествуваа ДПМ, професори од Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ и од Институтот за македонска литература, како и педагози и наставници. Од сите овие институции до Бирото за развој на образованието беа доставени предлози, за конечно деновиве да биде објавен и новиот список. (Н.И.Т.)
* Покрај за наставата на македонски јазик, списокот на лектири е сменет и дополнет и за наставата на албански, турски и српски јазик. Сите списоци можат да се најдат на Линков