Новинар од Тел Авив: Израелците не знаат колку е страшно во Газа, медиумите не објавуваат снимки од мртви деца

532
EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Израелскиот новинар Гидеон Леви, кој пишува за весникот Харец од Тел Авив, вели дека атмосферата во Израел сега е полоша од која било војна, „атмосферата не е демократска, таа е многу напната“, додавајќи дека медиумите не известуваат за реалната ситуација во Газа.

„Медиумите се комерцијални и тие многу добро знаат што сакаат да гледаат, а што не сакаат да гледаат и не сакаат премногу да им досадуваат на гледачите. Никој нема да објави снимки од мртви деца во Газа или стотици бегалци кои се бездомници. Никој не се грижи за тоа и никој не сака да го гледа тоа. Не сакаат да го покажат тоа. Ви велам како новинар на новинар, ние ја изневеруваме нашата мисија. Мораме да ја дадеме целата слика, а израелските медиуми не го прават тоа, особено не сега во време на војна“, изјави Леви за N1.

Тој додава дека по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври луѓето го изгубиле умот, „дури и големите мировни активисти, левичари, сите се изгубиле себеси и мислат дека по она што се случи, а навистина беше ужасно, дека Израел има право да прави што сака“.

„Јас не го делам тоа мислење и се надевам дека се повеќе Израелци ќе го менуваат своето мислење. Мора да знаете дека мнозинството од Израел не ги гледа овие видеа што ги пуштате во моментов, бидејќи израелските весници и телевизии малку известуваат за тоа што се случува во Газа. Ние сме фокусирани на нашата агонија и предрасуди, а Израелците не знаат колку сега е страшно во Газа“, вели Леви за N1.