Низ Европа сè повеќе се користат стратешки тужби против учеството на јавноста (СЛАПП) за замолчување на новинарите, активистите и јавноста, главно околу прашањата за корупција и животна средина, покажа новиот годишен извештај на Коалицијата против СЛАПП во Европа и Фондацијата „Дафне Каруана Гализи“.
Според тој извештај само во 2023 година биле поднесени 166 тужби за СЛАПП. Во периодот 2010-2023 година поднесени се 1.049 вакви тужби, соопштуваат од Коалицијата. Извештајот посочува дека фирмите и политичарите користат законско заплашување за да ги задушат критичките гласови, а многу случаи остануваат непријавени.
-Извештајот претставува најсеопфатна студија на случај на стратешки тужби против учеството на јавноста во Европа… иако носи лоши вести за новинарите и активистите, рече членката на Коалициониот одбор, Флутура Кусари.
Таа додаде дека извештајот покажува како законите и процедурите продолжуваат да се злоупотребуваат за да се задуши учеството на јавноста и ја истакна потребата владите и парламентите низ Европа да преземат итни мерки за да прекинат овие тужби.
Извештајот покажа дека стратешките тужби се проблем во цела Европа, но и дека во 2023 година значителен број од нив се поведени во Италија, Романија, Србија и Турција. Стратешки тужби против учеството на јавноста се забележани и во земји каде што претходно не постоеле, вклучувајќи ги Монако, Литванија, Азербејџан и Данска. Вкупно, Коалицијата идентификувала стратешки тужби против учеството на јавноста во 41 земја низ Европа.
Во 2023 година, тие тужби опфатија широк спектар на прашања од јавен интерес, од кои 36 проценти се поврзани со корупција и 16 проценти со заштита на животната средина.
Терминот СЛАПП се однесува на случаи покренати од моќни луѓе, како што се корпорации, јавни функционери и бизнисмени од висок профил, против приватни лица или невладини организации кои изразиле критички став за прашање од јавен интерес. Најчести мети на таквите тужби се новинарите, а потоа медиумите, уредниците, активистите и невладините организации. Исто така, покажа извештајот, тужбите против учеството на јавноста најчесто ги иницираат богатите и моќните. Во 2023 година речиси половина од вкупниот број тужби биле поднесени од фирми и бизнисмени, а повеќе од една третина од политичари.
Извештајот ги повикува креаторите на политиките, граѓанското општество и медиумските организации да се заложат за силно спроведување на мерки против тужбите кои се против јавното учество низ Европа бидејќи без посилна заштита од оние кои сакаат да го замолчат несогласувањето, учеството на јавноста и понатаму ќе биде нарушено.