Нове Цветаноски: Сѐ помалку се чита, дури и кога книгата се нуди бесплатно

183

 „Логично е што сето внимание сега е насочено кон личната здравствена заштита и кон обезбедувањето на основните животни потреби. Кога голем дел од населението е загрижено за својата егзистенција, логично е книгата да не биде во преден план на интересирање“, вели за весникот Вечер, Нове Цветаноски управител на издавачката куќа „Македоника литера“. Инаку, наскоро од овој издавач, излегува бесплатната е-книга – „Водич за заштита од корона вирус“. Водичот, кој е подарок од „Македоника литера“ за читателите, е превод на македонски јазик на кинеско издание, во кое се содржани кинеските искуства во борбата против новиот корона вирус, а е подготвен и одобрен од официјалните здравствени институции на НР Кина

„Ваквата ситуација нè погодува сите, но посебно негативно се одразува врз издаваштвото, и културата воопшто, затоа што сепак тие не им се примарни на луѓето. Логично е што сето внимание сега е насочено кон личната здравствена заштита и кон обезбедувањето на основните животни потреби. Кога голем дел од населението е загрижено за својата егзистенција, логично е книгата да не биде во преден план на интересирање“, вели за весникот Вечер, Нове Цветаноски, управител на издавачката куќа „Македоника литера“.

Тој посочува дека издавачите веднаш ја почувствувавле ваквата состојба и, како што вели Цветаноски таа и натаму негативно ќе се одразува. „Но, се разбира, засега е важно здравјето, а ние кои се занимаваме со издаваштвото навикнати сме долго време да седиме пред компјутер и да работиме на книгите“, истакнува тој.

Како што вели управителот на „Македоника литера“, овој период на изолација, на ограничено движење, на ограничено функционирање и достапност на многу ресурси во државата, негативно се одразува врз комерцијалната работа, зашто и така слабиот општ интерес за книгата сега е паднат на минимум. „Речиси и да нема продажба на книги. Но од друга страна, ова засега не ни се одразува многу негативно врз редакциската работа со книгите, односно врз подготовката на книгите, а за нивното публикување – сѐ додека има хартија и репроматеријали за печатење. А набргу ќе снема…“

Тој напоменува дека преку веб и фејсбук страницата на „Македоника литера“ на читателите им се овозможува бесплатно да го читаат списанието „Македоника“, чии постари броеви и денес се актуелни, па дури сѐ уште имаат и ексклузивност.

„На веб страницата на ‘Македоника литера’ на читателите истовремено им овозможуваме да читаат поголеми или помали извадоци и од другите изданија, посебно од белетристиката. Ние имаме објавено репрезентативна белетристика, проза со високи книжевни вредности, наградувана и со високи книжевни награди, познати дела од познати класици… Но ваквата практика во оваа ситуација ни се потврдува една констатација до која доаѓаме последниве години: дека сѐ помалку се чита. Дури и кога книгата се нуди бесплатно! Тоа е поразителен факт и за нас издавачите, и за писателите и за македонската култура. Ја снемува културата на читање. Не само во оваа ситуација, туку и по други поводи ние подаруваме и печатени книги. И сме доаѓале во ситуација кога подарувањето се прима како натрапување. Некој не ја сака ни подарената книга, иако на подарената книга не треба да ѝ се бројат страниците… Сетот тоа говори дека сѐ помалку се чита“, додава тој.

Запрашан да го искоментира онлајн начинот на функционирање, Цветаноски вели дека тоа е сѐ уште е многу виртуелно за да биде многу реално. „Ние сме сѐ повеќе свртени кон електронските комуникации и кон благодатите што ги нуди информатичката технологија, па во една ваква ситуација увидуваме дека тоа ни ја олеснува работата, ама не е доволно за нормално функционирање на работата и на животот“, посочува тој истакнувајќи дека во оваа ситуација уметноста и културата многу губат. „Речиси сѐ е запрено во културата, нема културни настани. Тие настани што требало да се одржи во текот на годината дури и ако се одржат за 2-3 месеци наесен, нема да ја имаат потребната ефективност, продуктивност и функционалност. Во уметностите е малку поповолно – уметниците и во тешки времиња создавале вредни дела“, вели Цветаноски.

На прашањето која е поуката која може да ја извлечеме од целата оваа состојба, тој со одговор: Трпение – спасение. После дождот доаѓа сонце. Ќе мине и оваа ситуација. Потоа, ќе треба првин да закрепне економијата па дури по некое време да се нормализираат работите во некои дејности, како што е издаваштвото или културата воопшто.

За меѓународната соработка и комуникација со колеги и партнери од странство, Цветаноски вели дека ваквата ситуација насекаде неповолно се одразува.

„Во нашава дејност сега речиси секаде се работи од дома, во многу земји се затворени и книжарниците. Но кај нас, како помала средина каде што издаваштвото речиси и не е бизнис, последиците ќе бидат подолготрајни. Ваквата ситуација негативно се одразува и врз соработката со странство. Не функционира ни меѓународната пошта. Не може да испратиме документација или книги. ‘Македоника литера’ со овие проблеми се соочи уште од почетокот на јануари, затоа што ние последниве години имаме поинтензивна соработка со партнери од Кина. Некои до нив сѐ уште работат од дома. Не прекина соработката во овој период, но многу бавно се одвива. Не е исто да се работи од дома и од работното место. И покрај сѐ, ние во овој период работиме на подготовката на десетина кинески книги. Меѓутоа, ваквата ситуација, не само во соработката со Кина, туку и во другата меѓународна соработка, остава последици кои би ги чувствувале уште една година дури и во случај кога ситуацијата би се нормализирала за еден месец. Севкупната ситуација негативно ќе се одрази врз севкупната економија, ама негативното дејство врз нашата дејност ќе трае многу подолго“, посочува тој.

Инаку, наскоро од овој издавач, излегува бесплатната е-книга – „Водич за заштита од корона вирус“. Водичот, кој е подарок од „Македоника литера“ за читателите, е превод на македонски јазик на кинеско издание, во кое се содржани кинеските искуства во борбата против новиот корона вирус, а е подготвен и одобрен од официјалните здравствени институции на НР Кина. (Н.И.Т.)