Нова книга: “Сапунот на Леополд Блум“ од Нора Југа на македонски

81

„Сапунот на Леополд Блум“ е насловот на романот од романската писателка Нора Југа што неодамна на македонски јазик го објави „Македоника литера“ од Скопје. Преводот од романски е на Ирина Кроткова.

“‘Сапунот на Леополд Блум’ е комплексен роман во кој се мешаат жанрови. Тој е своевиден стилски експеримент со длабока оригиналност. Како и во неколку други дела на Југа, и ова говори за еротизмот, осаменоста и староста, за сеќавањето и драмите, за радоста на пишувањето. Тој нуди слатко-горчлива мешавина на носталгија и хумор, нежност и фрустрација, искреност и преправање. Сметан е за антироман, со антијунак, поточно со преземениот антијунак на Џемс Џојс преку кого ‘дејствува’ авторката во романските ситуации“, вели издавачот во најавата за романот на Нора Југа, што е литературен псевдоним на Елеонора Алмоснино, позната романска поетеса, романсиер и преведувач.