Нова книга: “Романса во малото гратче“ на македонски

176

“Романса во малото гратче“ е насловот на автобиорафскиот роман на Григориј Канович кој деновиве излезе од печат во издание на “Прозарт медија“. Преводот од руски јазик е на Обухова Елена Сергеевна и Никола Шуканов.

“Воден од споменот на неговата сакана мајка, маестралниот раскажувач не шета низ средината на својот семеен свет, рекреирајќи го минатото кое е неповратно уништено. Канович живо се сеќава на неговото родно место (во Литванија), на политичката криза од 1930-тите (во пресрет на Втората светска војна), на богатите трговци и чистачи на чевли, луѓето… Тој го следи и растечкиот страв од нацистите, руската инвазија, политичкиот прогон и апсењата и прогонетите, што ја обликуваа нацијата“, стои во најавата на издавачот кој посочува дека “Романса во малото гратче“ е роман полн со нежна наклоност, мека иронија и остри забелешки и е своевиден реквием за предвоените Евреи.

Писателот Канович, познат како еден од најважните еврејски автори на современието, го преживеал холокаустот и сега тој е познат како чувар на колективното сеќавање на генерациите литвански Евреи и врвен прозен мајстор.