Во книгата се собрани најважните податоци за секој ден, празниците, за светците (според житијата, преданијата и другите извори за нив), потоа за обичаите, за песните, верувањата и другите фолклорни и етнографски материјали поврзани со одреден празник. Важно е да се напомене дека во оваа книга има податоци за сите светци од календарот на МПЦ, покрај познатите, има податоци и за помалку познатите македонски светители како светите Никодим Прилепски, Теофил Струмички, Григориј Охридски, Варлаам Охридски и др. како и за новопрогласените светители од страна на МПЦ-ОА како што се 40. Битолски новомаченици, тројцата Пречистански маченици, Јоаникиј Ракотински Кипријан Спечпченски, Гаврил Велички …
„Негувајте ги нашите македонски традиционални обичаи и пренесувајте ги своите искуства на помладите генерации“, се вели во воведот на најновата книга на проф. д-р Марко Китевски насловена „Македонски црковно-народен календар“. И токму во оваа книга, во издание на „Гирланда“ – Здружение за проучување на македонската народна култура, од Скопје, има податоци за сите светци од календарот на Македонската православна црква. Во ова дело се застапени позначајните христијански празници коишто македонскиот народ ги празнува на најразлични начини со домашни служби, селски служби, со ортии, панаѓури, со многу обичаи, верувања, песни…
„Во книгата е направен обид да се соопштат најважните податоци за празникот, за светците (според житијата, преданијата и другите извори за нив), потоа за обичаите што се изведуваат на овие денови, за песните, верувањата и другите фолклорни и етнографски материјали поврзани со одреден празник. Користени се обичаи, песни, верувања и други материјали од сите делови на етничка Македонија што сведочи дека фолклорот и етнографијата на македонскиот народ претставуваат една неделива целина“, се вели во воведот на книгата.
Самиот автор пак, истакнува: „Покрај познатите светители Климент и Наум Охридски, Нектариј Битолски, Агатангел Битолски, Ѓорѓи Кратовски, св. 15 Тивериополски свештеномаченици, Иларион Мегленски и др. има податоци и за некои македонски досега помалку познати светители како: светите Никодим Прилепски, Теофил Струмички, Григориј Охридски, Варлаам Охридски и др. Но, и за новопрогласените светители од страна на МПЦ-ОА како што се 40-те Битолски новомаченици, тројцата Пречистански маченици, Јоаникиј Ракотински Кипријан Слепченски, Гаврил Велички…“
Интересен е фактот што според некои сознанија досега христијанската црква има прогласено околу осум илјади светители, но култот на некои воопшто не заживеал, на други останал ограничен во потесна средина, трети се афирмирале во целиот христијански свет.
Книгата на Китевски, како што се посочува во воведот, има за цел да го покаже континуитетот на македонскиот народен дух од најстари времиња до денес и да ја истакне специфичноста на македонските празнувања во кои следиме повеќе слоеви на народната култура.
Самиот автор во предговорот вели: „Во животот на македонскиот човек посебно значајно место имаат празниците, најразличните празнувања што се присутни во текот на целата година… Нашиот народ со посебна возбуда но и со многу обичаи го празнува раѓањето на новиот член на семејството, потоа неговото крштевање, празнува и разни други моменти од животот на човекот: родендени, имендени, со многу верувања, обичаи и песни го празнува стапувањето во брак (свадбата), потоа празнува најразлични празници: црковни, народни, државни, училишни итн., од локално и пошироко значење. Сите тие се проследени со обичаи, песни, благослови и сл. што празникот го издигнуваат над секојдневието и го прават привлечен и со задоволство очекуван ден“…
Многупати овие обичаи остануваат недодоволно јасни и разбирливи за оние кои не го знаатСветото писмо и не ги познаваат житијата на светиите.
„Секако токму затоа и авторот на оваа прекрасна книга д-р Марко Китевски сметал за неопходно потребно пред да пишува за овие обичаи и да ги опише настаните што се празнуваат и празничните денови на светиите со нивни кратки житија. Во тоа е исклучителната големина и практичност на неговата книга. Таа во тоа и се разликува од сите слични написи за оваа материја од страна на нашите етнолози и собирачи на нашето народно творештво. Во ова е токму оној нејзин квалитет што ја краси и што ја прави единствена од ваков вид“, стои во воведот на книгата
„Македонски црковно-народен календар“. Во нејзиниот прв дел се застапени постојаните (неподвижни) празници, кои секоја година се паѓаат на ист датум, а во вториот непостојаните (подвижни) празници кои секоја година го менуваат датумот.
„Македонски црковно-народен календар“ е воедно и првата книга од предвидено повеќетомно издание на професорот Китевски. (Д.Т.)