Најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, покажа дека е голем човек – отпатува за Буенос Аирес, играше на последниот меч во кариерата на Хуан Мартин дел Потро, кого го испрати во пензија. Цел стадион плачеше кога Новак го држеше својот говор. Беа видливи солзи на неговото лице, а Аргентинецот се потруди тој засекогаш да го памети неговиот последен меч во кариерата.
Поранешниот грен-слем шампион, Дел Потро, подготви импресивен подарок за својот голем пријател, подарувајќи му дрвена кутија чија содржина беше непозната за јавноста сè додека двајцата не открија што има внатре. Новак Ѓоковиќ и Хуан Мартин дел Потро ги здружија силите за да го отворат подарокот, а потоа Србинот му ги покажа на целиот свет трите шишиња вино што ги доби.
На едно од шишињата има фотографија од Новак Ѓоковиќ и од Хуан Мартин дел Потро од нивниот натпревар на Олимписките игри во Лондон 2012 година, кога славеше Аргентинецот, освојувајќи го бронзениот медал. Српскиот тенисер години потоа го бркаше златниот медал од Олимписките игри, а трудот вроди со плод годинава, во Париз, кога беше најдобар. На едно од трите шишиња е фотографија од тој меч.
– Како и сите луѓе на овој стадион и јас сум многу емотивен во моментов. Исто така, благодарен сум што можам да играм со мојот партнер – одлична личност и одличен играч. Ова е посебен ден и за мене. Помина долго време од првиот пат кога го видов Мартин. Ние имавме 11-12 години, тој беше висок два метра, а јас имав метар и нешто. Чувствував дека во последно време, поточно последниве неколку месеци, Хуан е сè поблиску до моето срце. Кога играте против повисок ривал, сè е поинаку. Отсекогаш сум го сакал Хуан, но кога играте на најголемите турнири против него, мора да го почитувате, но во исто време и да сакате да го победите, што не беше случај на овој меч – изјави Србинот по поразот од Аргентинецот со 6:4, 7:6.
Аргентинецот истакна дека неговото збогување со тенисот со меч со Новак Ѓоковиќ е најдобриот подарок што можел да го добие, а впечаток е дека воопшто не му било тешко на Новак да отпатува на другиот крај од светот. Инаку, пред да го испрати својот голем пријател и ривал во пензија, Новак Ѓоковиќ го гледаше финалето на Копа Либертадорес, каде што го додели трофејот, кој подоцна му припадна на Ботафого.