Новак Ѓоковиќ зеде пауза од тенисот и го прескокна настапот на Мастерс турнирот во Париз, како и финалниот АТП турнир во Торино.
Србинот реши да не ризикува и се повлече од двата последни турнири за 2024 година. Бидејќи неговата репрезентација не се пласира на завршниот турнир во Дејвис Купот, сезоната за Ѓоковиќ е завршена.
Тој откри дека ќе игра повторно тенис на стартот на новата сезона, меѓутоа не знае точно каде.
„Ќе играм во првата седмица од новата сезона, но немам одлучено каде точно. Тенисот и натаму е во фокусот. Сега е време за силни подготовки пред новата сезона. Ми беше потребно малку време за да се освежам по оваа година. Целите се исти, Грен слем трофеите секогаш се моја цел, а потоа би сакал да играм и на Дејвис купот“, изјави Новак.
Кам-бекот на најтрофејниот тенисер на светот ќе биде пред Австралија Опен. Традиционално Ѓоковиќ ќе одигра барем еден турнир пред настапот во Мелбурн каде што ги забележа најголемите успеси во кариерата.