Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ, го прескокна АТП купот, а се уште не е потврдено дали ќе игра на Австралија опен каде е рекордер со девет титули и актуелен шампион. Турнирот ќе започне на 17 јануари, а има се помалку време Ноле да ги отстрани дилемите.

-Имаме уште неколку чартер летови до крајот на оваа недела, а потоа сите играчи ќе бидат тука, изјави извршниот директор на турнирот Крег Тили за Nine Network во неделата.

Ѓоковиќ одби да каже дали е вакциниран, а се шпекулираше дека ќе поднесе барање за медицинско ослободување, според кое може да се пријави без вакцинација и да ја освои 21. грен слем титула во сингл.

-Што се однесува до статусот на Новак, мислам дека ќе имаме многу појасна слика во наредните денови. Во спротивно, ќе биде доста доцна да се појави и да игра на Австралија опен, додаде Тили.

Доколку замине во Мелбурн, Ѓоковиќ ќе се обиде да застане на врвот на „Вечната листа“ на грен слем шампони, каде моментно е изедначен по бројот на титули со Роже Федерер и Рафаел Надал со по 20. грен слем титули во кариерата.