Ниту плата од над 40 илјади денари не може да ги задржи вработените да не заминуваат во странство

Почна летната сезона, а македонските келнери, шанкери, готвачи масовно заминуваат на работа во Хрватска, Грција... Угостителите велат дека не постои решение или план во економски нестабилна и несигурна држава да ги заштитиме и да ги задржиме вработените кога условите за работа во соседството и во регионот се далеку подобри, а платите повисоки. Во некои угостителски објекти платите надминуваат и 40.000 денари, но и со овие плати тешко е да се задржат вработените да не заминуваат во странство

816

Почна летната сезона, а голем дел од угостителските работници заминаа на работа во Хрватска, Италија, Грција… Угостителите велат дека не постои решение или план во економски нестабилна и несигурна држава да ги заштитиме и да ги задржиме вработените кога условите за работа во соседството и во регионот се далеку подобри, а платите повисоки. Во некои угостителски објекти платите надминуваат и 40.000 денари, но и со овие плати тешко е да се задржат вработените да не заминат во странство.

Угостителството и хотелиерството беа во групата најпогодени сектори од ковид-пандемијата, голем дел работеа со загуби, плаќаа сметки, давачки, плати иако работеа под рестрикции. Сега се соочуваат со масовен одлив на работници и речиси е невозможно да се најде обучен кадар за вработување во угостителството.

Повторното отворање на границите, укинувањето на забраните за движење, отворените објави за сезонски вработувања на туристичките дестинации поттикна голем број од професионалниот угостителски кадар да ги напушта постојните работни места и во понудата на подобро платена работа, да го искористи наредниот период да заработи нешто повеќе.

– Условите за работа во угостителската индустрија во Македонија се условени не само од понудата и побарувачката туку и од можностите и условите што може да ги понудат угостителите. За жал, не постои решение или план во економски нестабилна и несигурна држава да ги заштитите и да ги задржите вработените кога условите за работа во соседството и во регионот се далеку подобри, а платите далеку повисоки. Не постојат начин и услов со кои може да задржите еден работник на неговото работно место ако тој сака да напредува во работата, да научи нешто повеќе или да добие работа со која ќе може да заработи повеќе – вели за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Тој додава дека нашите угостители во моментов не може да конкурираат со платите, односно надоместоците што се нудат за сезонските вработувања, ниту со платите за угостителскиот сектор што се нудат низ Европа поради енормниот недостиг на овој кадар. Од друга страна, право на секој работник е да избира каде и под кои услови ќе работи.

– Во моментов, платата на еден професионален готвач во реномиран македонски ресторан е поголема од платата на еден пратеник, премиер и претседател, што ни оддалеку не е за потценување. Но, таа иста македонска плата не може да конкурира со платата за готвачи во регионот, која е најмалку двојно повисока, додека низ Европа, во некои познати ресторани и хотели, таа е дури и до пет пати повисока. Во некои угостителски објекти платите надминуваат и 40.000 денари, но и со овие плати тешко е да се задржат вработените – вели Јосифовски.

Сезонските вработувања, во зависност од дестинациите, се движат од четири до девет месеци, а најголемиот дел од работниците, по завршувањето на својот ангажман, се враќаат дома. Дел од нив се враќаат на своите претходни работни места или привремено се вработуваат во други сектори до моментот на почетокот на следната сезона, кога аплицираат за истите сезонски работни места или за сезонско вработување на нови дестинации.

Зголемените трошоци на живот, покачувањата на цените, намалената куповна моќ и недостигот на кадар дополнително придонесоа дневниците во угостителскиот сектор да пораснат и ги доведоа угостителите до состојба да не може да ги исплаќаат покачените дневници. Со овој начин на работа, самите угостители, во потрага по поевтина работна сила, се доведуваат до ситуација со месеци да не може да најдат соодветен кадар кој би ги прифатил нивните понуди и услови за работа. За разлика од нив, онаму каде што дневниците кореспондираат со условите за работа и навремена исплата, угостителите немаат проблем да обезбедат соодветен стручен и професионален кадар.

Според податоците од Агенцијата за вработување, по бројот на слободни работни места, овие дејности се на четвртата позиција со околу 1.000 работни места. Има дефицит и на келнери и на шанкери. Во државата има повеќе од 360 слободни работни места за келнери и повеќе од 200 за шанкери.

(А.С.)